понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Тетовските пожарникари со протест ги бараат додатоците на плата ветени од општината

Тетовските пожарникари со протест ги бараат додатоците на плата ветени од општината

Тетовските пожарникари, членови на независниот синдикат на државната админстрација, денеска одржаа протест во кругот на пожарникарската единица. Тие повторно бараат од општината како основач да ги исплати ветените додатоци на плата кои беа предмет на договор во јуни 2019 година.

-Пробиени се разумните рокови за нашите законски проблеми. Беше договорено да се надминат проблемите меѓутоа, од нивна страна не е одговорено, само одолговлекуваат временски и до денес нема ни одговор. Тражиме по закон што ни следува, изјави Сашо Мишевски, претседател на синдикалната подружница во Тетово.

Тетовските пожарникари имаат четири барања и денеска ги соопшти Сашо Мишевски.

-Бараме  колективно службено осигурување  од работодавецот, тоа е повеќедецениски спор, во цела држава само овде нема колективно осигурвање. Како второ, секаде е направена корекција на додатоци на плата при работа ноќе, празник, викенд, редовна работа и дополнителна работа и дополнителни часови, само овде не се коригирани и останале исто. Ова ни го овозможува Законот за пожарникарство, актот за преземање и законот што е потпишан на ниво на држава од 2017 година. Трето, како колегите што добија во Скопје, и ние бараме корекција на платата на дополнителни 20 отсто за ризик. Тоа не е вметнато во плата. Тука сме поддржани од Законот за исплата на плати на пожарникари од октомври 2017. Четврто, со судска спогодба за претходните години договорено е да се исплатат 60 илјади денари по тужба, досега целосно не се исплатени, а има исплатено по 20 илјади денари, рече Мишевски.

На протестот пожарникарите истакнаа дека даваат краток рок  Општината да одговори на нивните барања или ќе ги продолжат протестите.

На 27 јуни 2019 претставници на Синдикатот на пожарникарите во Тетово и градоначалничката Теута Арифи одржаа состанок и се договорија да се надминат разликите околу платите и условите за работа, за што вработените во тетовската противпожарна единица протестираа јавно неколку недели претходно. Двете страни формираа работна група која имаше задача да го реализира договорот преку вонсудски договори да се исплаќаат разликите околу исплата на платите.