Зошто нема истрага за Галена од Кајмански острови која го купи рудникот Иловица? Ова прашање го постави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николоски во македонското Собрание.
-Прашање кое сакам да го поставам се однесува на рудникот Иловица. Сакам да кажам дека таму не може да има рудник затоа што треба да се зачува целиот тој регион и јавно сум го кажувал тоа и прецизно сум го кажувал и во текот на изборната кампања и после тоа. Во 2015 година комисијата за заштита на конкуренцијата на 15 април носи решение со кое што известува за концентрација и кажува дека Друштвото Галена рисорсис еквилит лимитид од Кајманските острови ќе се стекне со контрола на Еуромакс рисосрсис која што е носител на коцесијата за Иловица. Галена рисорсис еквилит лимитид е регистрирана со седиште на Мејпл порпр ексервес лимитид на Гранд кајман на Кајмански острови. Тоа за пошироката јавност е оваа зграда. На оваа зграда според информациите на престижниот британски весник Дејли мејл се регистрирани уште 20.000 компании, а зградата како што гледате е прилично мала, истакна Николоски на крајот од минатиот месец.
Имајќи предвид дека Галена во овој момент поседува 53,1 процент од Еуромакс рисосрсис, а како нивен претставник во бордот на директори се јавува никој друг туку Иван Вутов син на Цоло Вутов еден од најбогатите луѓе во Бугарија кој што се занима со рударство и кој што нема баш вака домар имиџ во однос на неговите аквизиции и во Бугарија и во останати држави во кои што работел.
-Моето прашање е дали односно да бидам попрецизен затоа што не сме виделе ништо во јавноста, зошто надлежните институции кои што се под надлежност на владата, тука пред се мислам на Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и Агенцијата за финансиско разузнавање од 15 април 2019 година до денес крајот на годината не го испитале потеклото на капитал на Галена рисорсис имајќи во предвид дека доаѓа од даночен рај од Кајмански острови за кои што поранешниот претседател на САД Барак Обама вели дека се работи или за најголемата куќа во светот што секако дека не е или за најголемата шема за перење на пари? – праша тој.
Менаџментот на Иловоца ги потврди наводите на Николоски за поврзаност во сопственоста со фирма од Кајманските острови.
Проектната компанија за развој и управување со рударскиот комплекс Иловица – Штука, Еуромакс Ресоурцес Македонија е во 100 процентна сопственост на Еуромакс Ресоурцес Лимитед, мајката компанија која е регистрирана во Ванкувер во Канада и котира на престижната Берза за хартии од вредност во Торонто.
За д-р Живко Груевски, одговорен за комуникации и односи со јавноста во Еуромакс Ресоурцес, компанијата има обврска кон своите инвеститори, како и кон акционерите на Берзата во Торонто транспарентно да ги објавува сите информации поврзани со финансиското работење на компанијата, како и нејзините акционери.
„Компанијата Еуромакс Ресоурецс Лимитед има диверзифициран меѓународен акционерски капитал што доаѓа од компании од земјите како Канада, САД, Англија, Швајцарија и земји од ЕУ. Сите овие инвеститори го стекнуваат својот удел во компанијата преку финансирање во проектот и очекувањата на сите се дека ова ќе биде проект од светска класа. Односно рудник што ќе биде управуван, организиран и со производство по највисоките стандарди за заштита на животната средина, социјалите аспекти и секако со примена на сите најнови технологии на рударството на 21 век“, изјави д-р Живко Груевски, одговорен за комуникации и односи со јавноста во Еуромакс Ресоурцес.
Водечки инвеститор во акционерската структура е групацијата Трафигура, која својот удел го реализира преку својата финансиска институција Галена Асетс Менаџмент од Женева, Швајцарија и нејзината ќерка фирма Галена Рисоурс Еквитис ЛТД, каде како партнер – инвеститор се јавува и Геотецхмин од Бугарија. Индустриската групација Геотецхмин е една од најголемите инвестициски и производствени компании во Бугарија со водечка улога во рударството, градежништвото, енергетскиот сектор и заштита на животната средина.
Трафигура е една од најголемите светски компании за трговија, дистрибуција и логистика со енергија, нафтени производи, метали и со минерали. Трафигура мајнинг груп специјализирано се занимава со развивање и управување на рударски комплекси во целиот свет, и во моментов управуваат со над 20 рудници.
„Илустрација за големината на Трафигура е дека во 2018 година, според официјалните податоци, остварила приходот над 190 милијарди долари. Други значајни инвеститори се Европската банка за обнова и развој, која е поединечно најголемиот институционален инвеститор во РСМ и американската корпорација Ројал Голд, еден од светските лидери во инвестирање и управување со производство и трговија на скапоцени минерали и метали. Овие акционери, односно инвеститори препознаа вредност во проектот, иднина во овој долгорочен капитален проект во Република Македонија. Тие искажуваат верба во менаџментот на Еуромакс Ресоурцес и веруваат дека, и покрај застоите, нашата држава е земја во која вреди да се инвестира и која може да реализира ваков голем инвестициски проект“, изјави д-р Груевски.
Еуромакс Ресоурцес со реализација на проектот Иловица – Штука во првите две години од изградбата ќе вработи околу 1.000 лица, а потоа во периодот на работа на рудникот ќе вработи 500 лица. Преку соработници и снабдувачи ќе се ангажираат дополнителни 2.700 лица. Досега во Проектот се инвестирани повеќе од 50 милиони евра, а за првата фаза на изградба предвидени се околу 340 милиони евра. Инвестицискиот проект се очекува да придонесе за зголемување на бруто домашниот производ за 3% на годишно ниво и да се квалификува во првите ТОП 3 извозни компании од Република Македонија.