Најавените врнежи од снег проследени со ветер и падот на темепертури можe негативно да влијaат на здравјето на животните, иако, повеќето видови, релативно добро го поднесуваат студеното време. Во вакви услови, фармерите треба навреме да обезбедат вода и храна за животните, најмалку за две недели, во количини кои ќе бидат доволни да се задоволат потребите на животните. Храната треба да е со задоволителна хранлива вредност и соодветна на видот и категоријата на животни кои се чуваат на фармите, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
На својата интернет страница, АХВ објави препораки во кои, меѓу другото, нагласува дека при екстремно ниски температури проследени со силен ветер и снег, животните треба да се држат затворени во објектите/шталите или да им се обезбеди соодветно засолниште. Притоа, особено треба да се внимава на хигиената, редовно да се чисти ѓубрето и да се заменува валканата простирка со нова.
Според АХВ, молзните животни треба да се измолзуваат редовно, во вообичаените интервали. Кругот во одгледувалиштето и пристапните патишта треба редовно да се чистат од снег или мраз.
-Во услови на ниски температури и врнежи од снег, препорачливо е одгледувачите да ја зголемат вообичаената дневна дажба на храна за животните, а особено кај гравидните, за да можат да ја одржуваат својата телесна температура. На животните никако не треба да им се дава смрзната храна. Тие исто така не можат и не треба своите потреби за вода да ги обезбедуваат со лижење мраз или снег. Затоа, треба да им се обезбеди свежа вода за пиење со соодветна температура. Препорачливо е фармерите, во одгледувалиштата кои имаат автоматски/статичен систем за напојување, навреме да се снабдат со доволен број корита, кофи, кои ќе ги употребат за напојување на животните.
Според АХВ, доколку не постои можност веднаш да се засолнат животните, привремено може да се употребат ќебиња или друг вид прекривки за нив, но, во тој случај треба да се внимава прекривките во секое време да бидат суви.
-Здравствената состојба на животните во вакви услови треба почесто од вообичаено да се следи, односно животните треба почесто да се посетуваат и набљудуваат. Молзните животни треба да се измолзуваат редовно, во вообичаените интервали. Кругот во одгледувалиштето и пристапните патишта треба редовно да се чистат од снег или мраз. Одгледувачите на животни треба да се во комуникација со нивниот ветеринар, за дополнителен совет или доколку се потребни интервенции, препорачува АХВ. (MИА)