Владата не само што ништо не направи за заштита на природното и културно наследство во Охрид, туку и придонесува за негово уништување, што и се наведува во загрижувачкиот нацрт извештај на УНЕСКО.
Работата оди до таму што и самата Влада одвоила 600.000 евра за реконструкција на кејот покрај Охридското езеро по проект кој според УНЕСКО дополнително би наштетил во и така загрижувачката ситуација. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески вели дека не чувствува одговорност за лошиот нацрт извештај и покрај тоа што можеше да одговори на некои од проблемите за кои предупредуваше УНЕСКО, а јавно е познато дека со општинските одлуки се прават исклучоци на мораториумот за голем број градежни активности, со што се продолжува уништувањето на природното и културно наследство.
Пред само неколку месеци, во предизборната кампања и вицепремиерката Шекеринска ги убедуваше охриѓани со неодговорни изјави дека можат да бидат мирни бидејќи опасноста од губењето на статусот во УНЕСКО е избегната со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт и дека оваа влада знае да инвестира и покажа дека никој не е над законот. Но охриѓани знаат дека состојбата на терен е хаотична и некоординирана.
„Охрид и охридскиот статус во УНЕСКО ќе го браниме по секоја цена, со сите сили. Ја покажавме политичката волја, покажавме дека никој не е над законот и покажавме дека знаеме да инвестираме во нашиот Охрид. УНЕСКО ја увиде опасноста во 2017 година и тогаш постоеше можност да го промени статусот во културно и светско наследство во опасност, но за среќа таа година ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите и таа опасност беше избегната. Поради тоа природното и културното наследство на охридскиот регион ќе остане светско наследство заштитено од УНЕСКО но заштитено и од локалната и од нашата државна власт“, тврдеше во предизборието Шекеринска.
Но, набргу се виде дека ова беше само за собирање политички поени и дека владата нема никаков план за справување со хаосот туку дополнително ја влоши состојбата што пак се потврди и со загрижувачкиот нацрт извештај на УНЕСКО.
„Ги укинавме штетните проекти за да ја зачуваме уникатноста и оригиналноста на Охрид, така и ќе продолжиме. Можете да бидете сигурни дека заштитата на Охрид, заштитата на статусот на УНЕСКО може да биде реална само доколку одговорноста ја носат луѓе кои го штитеа и Охрид и неговиот унеско статус“, велеше Шекеринска, а извештајот кажува дека не само што не ги укинале штетните проекти туки и дека како влада одвојуваат 600 илјади евра за реконструкција на кејот по проект кој се коси со стандардите на УНЕСКО и тука се поставува прашањето за тоа каде е координацијата помеѓу институциите и планот за управување со кој владата се фалеше дека е донесен.