Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски по денешното судење за случајот „Тенк“ рече дека денеска имало тројца сведоци кои дале нова светлина на работите кои водат до тоа дека во тендерската процедура нема прекршување на законите.
Тој појаснува дека првиот сведок од компанијата АутоМакедонија, Зоран Василевски рекол оти со промените на законите за монопол во Македонија од 2005 и 2006 година, на тендер можат да конкурираат сите увозници на возила, а не само генералните застапници.
-Тоа ја побива тезата на СЈО дека со тендерот бил протежиран Макауто Стар, вели Груевски.
Според него, сведокот од АутоМакедонија рекол дека компанијата продава автомобили за кои тие не се генерални застапници.
Груевски вели дека вториот сведок, економскиот вештак Страхил Глигоровски потврдил оти компанијата од која бил купен Мерцедесот не заработила екстра профит
-Тој потврди дека во случајот со набавката на ова возило не постои штето. Имено, тој кажа дека компанијата која го продала автомобилот заработила вообичаена маржа, појаснува Груевски додавајќи дека таа нема заработено екстра профит и оти нема никаква штета.
Според него, третиот сведок, Тале Герамитчиевски е контроверзен бидејќи бил ангажиран од компанијата ЕОС Консалтинг, чиј раководител е поранешниот потпретседател на владата на СДСМ, Димитар Бузески.
Груевски вели дека вештакот е поранешен пратеник на СДСМ и поранешен заменик министер за образование.
-Тоа се луѓе кои што со години како мои политички противници оделе по куќи, оделе по медиуми, оделе каде ќе стигнат, говореле против мене, се бореле против мене, ме оцрнувале лично. И сега тие луѓе, од стотици компании за вештачење во Македонија, од над 1000 вештаци во Македонија, баш тие луѓе СЈО ги одбрала да бидат вештаци и да изработат вештачење врз база на кое Судот треба да донесе пресуда, вели Груевски.
Тој појаснува дека првата контроверзна работа во изборот на вештакот е што тој е машински инженер, а требал да вештачи интелектуална сопственост.
-Лицето јавно призна дека не се чувствува како експерт за блиндирани возила. Дури кажа и дека во Македонија нема експерти за блиндирани возила, рече Груевски.
Вели дека со тоа самиот потврдил оти бил избран вештак кој не може да биде релевантен.
Груевски појаснува дека вештакот открил оти пропуштил да направи споредба со возилата произведени во САД, Јапонија, Русија и Кина.
Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека обвинителот рекол оти ниту една конкурентска компанија која продава автомобили немале никаква жалба во врска со тендерот, па затоа МВР немала потреба да го коригира тендерот.
-Некој се плашел да направи поголема споредба. Станува збор за предмет кој е сериозно конструиран, рече Груевски.
На новинарско прашање Груевски вели дека во моментот на државата и се потребни најмалку пет блиндирани возила бидејќи целиот возен парк е премногу стар и е во премногу лоша состојба, како безбедносна, така и сообраќајна.
Најмалку пет вакви возила треба да набави државата. Целиот возен парк е премногу стар и е во премногу лоша состојба, како сообраќајна така и безбедносна.
ВИДЕО: А1.он