недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Се огласи креаторот на ваксајнс.мк по разговорот во полициска станица- еве што вели

Се огласи креаторот на ваксајнс.мк по разговорот во полициска станица- еве што вели

Околу половина час траел разговор на креаторот на доменот ваксајнс.мк, Адил Бакиу, во полициска станица Карпош каде денеска бил повикан по пријавата на Министерството за здравство.

-Ви благодарам на сите на поддршката, иако до ова не требаше да дојде, ни на крај памет не очекував. Во ПС само разговаравме како/зошто и толку беше, околу пола саат ме задржаа, иако ми изгледа многу опасно кога вакви сатирични случаи се спроведуваат од органите на власта многу побрзо од оние што се навистина сериозни. И ова не е перцепција, објави попладнево Бакиу преку Фејсбук.

Случајот избувна откако Министерството за здравство пријави постоење на лажна веб-страница ваксајнс.мк која ги доведува во заблуда граѓаните.

-Оваа лажна веб-страница ги доведува во заблуда граѓаните кои сакаат да пополнат апликација со што ќе искажат интерес за вакцинација против Ковид 19, и поради тоа случајот утрово беше пријавен во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, изјавија денеска од овој ресор.

Познато е, граѓаните кои што сакаат да се пријават за вакцинација треба да се пријават на веб-страницата вакцинација.мк. Според сознанијата, авторот Бакиу ја направила страницата „ваксајнс“ откако премиерот Зоран Заев неодамна така го изговори зборот „вакцините“ на англиски јазик. Доколку се отвори страницата ваксајнс.мк таа автоматски ја отвора регуларната страница вакцинација.мк каде граѓаните можат да ја извршат регистрацијата.

Инаку, пред да отиде во полициската станица Бакиу напиша на Фејсбук:

Краток апдејт: во 13:30 сум поканет во ПС Карпош на разговор околу доменот ваксајнс.мк. Единицата за компјутерски криминал мене брзо ми влезе во трага и брзо ме поканија за обично пренасочување кон сајтот на МЗ, за разлика од предметот за девојчињата од Струмица чии инкриминирачки материјали биле споделувани насекаде и не успеваше да ги најде сторителите 2 години.

Најнови вести