Воведувањето јавно приватно партнерство за наплата на акцизата за тутунот, лековите, пивото и виното предизвика бурни реакции и кај производителите на пиво. Тие велат дека се работи за една голема небулоза од која корист ќе има само една приватна компанија, на штета на државата и на граѓаните, кои ќе мора да плаќаат поскапи производи.
Од владината одлука за воспоставување на јавно-приватно партнерство за следење на акцизните добра, вчудовидени се сите. Никој не може да си објасни зошто тука се вклучени и пивската индустрија и винарниците. Генералниот менаџер на Прилепската пиварница Сашо Самарџиоски во разговорот за МКД.мк, говорејќи од името на целата пивска индустрија вели дека ова решение е сосема непотребно затоа што царината на државата од 1 јануари лани веќе воведе нов систем за контрола и пратење на акцизите.
Преку СОЦДАД-системот секое производство и транспорт на акцизните добра, и на пивото, е пријавено до царинскиот орган и од него се добива зелено светло (или не се добива ако има проблем) дека тоа е евидентирано и дека може да продолжи да циркулира низ државата до моментот на продажба до трговските објекти. Претставниците на пивската индустрија велат дека тешко било додека овој систем профункционира, но сега сите оператори со акцизни добра го прифатија овој систем и еве веќе една година успешно го спроведувале. Со новата иницијатива за ЈПП за контрола на акцизните добра (меѓу кои и пивото и виното) ќе се направи паралелна институција која ќе треба да води контрола на акцизните добра, но исто така и да ги издава новите планирани акцизни маркици кои треба да се аплицираат на секое шише, велат тие. Од ова огромни приходи ќе има само една компанија преку дополнителните износи башка од акцизата за државата.
„Јас ова го нарекувам како да се планира да се формира ‘приватна царинска управа’ во рамките на државата. Ова воопшто не е прифатливо за индустријата. Да не споменувам колкави би требало да бидат инвестициите кај секој оператор за да се опреми со специјална опрема за да се имплементира ова решение. И тоа не само кај производителите на акцизни добра, туку и кај нивните дистрибутери, трговците и продавачите. Издатоците ќе се мерат во десетици милиони евра за да може да се спроведе ова решение. А потоа секоја година за купување на тие посебни електронски маркици, кои ќе бидат издавани само од една компанија, која ќе биде приватен партнер на државата, ќе се трошат илјадници и милиони евра годишно. И замислете колку ќе чини целиот проект за период од 10 години ЈПП. Апсолутно недозволиво за нашето стопанство, особено сега, по една ваква криза, во која се наоѓаме и за едно стопанство од рангот на нашата големина“, вели Самарџиоски.
Повеќе прочитајте ТУКА