недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

КСС: Заев да ги заузда функционерите кои вршат притисок на синдикалците

КСС: Заев да ги заузда функционерите кои вршат притисок на синдикалците

Денеска беше одржана прес конференција која беше свикана со цел КСС да изрази револт кон одредени институции и функционери, во делот на крајно нечовечкиот притисок кој се врши врз синдикатот.

-Имено дел од раководството на синдикатот е под постојан притисок и прогон од именуваните функционери, малтене како државата и институциите на државата да се нивна приватна фирма. Се бркаат од работа претседатели на грански синдикати при КСС кои се и членови на извршниот одбор, се бркаат од работа синдикални лидери на синдикални организаци, се деградираат на работните места со неколку позиции надолу, се преместуваат на работни места надвор од местото на живеење. Притисокот се зголемува, и со откази и со прераспоредување и на членови на синдикатите, повторно надвор од место на живеење и оваа бројка постојано расте. Се прави притисок и врз трудовиот инспекторат, врз институциите на системот и секако врз судиите кои решаваат трудови спорови, за одоговлекување или пак со ретки случаи и за преиначување на пресудите, велат од КСС.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски истакна дека по вторпат добива отказ од неговата матична институција Катастар, иако пред само една година е вратен на работа по пресудата на Апелациониот суд и потврдена на ревизијата од Врховен суд во Македонија.

-Најстрашниот момент се случи што трудовиот инспекторат констатираше дека со неговиот втор отказ по исти основ, се сторени експлицитни прекршувања на ЗРО, врз основа на што донесе решение за поништување, но наместо поништување на отказот, се поништи решението на инспекторот од страна на второстепената комисија, а инспекторот стана цел на прогон и дисциплински постапки. Претседателот истакна дека има и случаеви каде што одредени функционери се поставуваат над законот и не спроведуваат правосилни судски одлуки во делот на функционирањето на синдикатите, а од друга страна прекршувајќи ги и законите и конвенциите на МОТ си дозволуваат да ја сопрат чланарината која што ја уплаќаат нашите членови. Секако, ова се случува со цел да се замолчи синдикатот и да се испрати порака до нашето членство, што може да се очекува, ако ги бараат своите права по законите од трудовата област или пак колективните договори, велат од КСС.

Претседателот Благоја Ралповски нагласи:

„Секако ние сме винови затоа што постојано во екот на пандемијата испраќаме барања и иницијативи за заштита на нашите права согласно Закон за безбедност и здравје при работа. Од друга страна се создадоа низа кластери во институциите затоа што надлежните не ги почитуваа одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа, со што како последица на тоа некои завршија трагично иако укажуваме на последиците од таквите дејствија.

Секако, повторно сме виновни затоа што баравме санкционирање на работодавачите кој земаа државна помош, а пак исплатија многу помала плата од минималната, или пак исплатија само еден денар или воопшто не исплатија плата, што секако е кривично дело, но повторно молк од институциите.

Виновни сме затоа што баравме формирање солидарен фонд за помош на работниците кои го изгубија своето работно место, по било кој основ, и врз основа на тоа не може да остварат право на никаков надоместок. Но наместо солидарен фонд за работниците направија солидарен фонд за ковид кризата каде што правеа нарачки во четири очи. Сега да прашаме дали ние не го разбираме зборот солидарност или пак некој деклариран Социјал демократ не ја научил основната лекција на неговата идеолошка определеност, а тоа е Солидарност.

Виновни сме затоа што побаравме КОВИД-19 да се признае како професионално заболување, согласно европските директиви и да се исплаќа 100 % плата за време на боледувањето или за време на изолацијата, секако на терет на Фондот за здравствено осигурување“.

На прес конференцијата беше споменато и неисплаќањето на боледување во висина од 100 % поради болест од Ковид 19 или изолација за што претседателот истакна:

„Пред неколку месеци вицепремиерот Битиќи излезе со соопштение, а после него и ФЗО дека се прифаќа фондот да го покрие боледувањето до 100 %, но сведоци сме дека министерката Шахпаска после само две недели наводно, по инсистирање на синдикатите и Невладините организации ја повлече одлуката. Тоа за кои невладини организации и синдикати станува збор и ден денес не дознавме. Социјалниот дијалог и партнерство во Македонија е нокаутиран и се води само формален дијалог, за дневно популистички цели, со подобни социјални партнери.”

И покрај сите обиди во изминатиот период да воспоставиме комуникација, која до одреден момент беше само куртоазија на надлежните, притискот растеше многу повеќе. Повикуваме  итно да престанат притисоците врз синдикатите, синдикалните лидери и членовите и работите да се вратат во првобитна состојба.

Иако неколку пати испративме дописи за средба со премиерот поради овие настанати ситуации, овие барања до ден денес се игнорирани од негова страна. Затоа овој пат јавно го повикуваме да застане и да ги спречи овие незаконски и крајно нечовечки дејствија со кој сериозно се кршат и работничките права, и човековите права пропишани со законите, колективните договори како и конвенциите на МОТ кој ги имаме ратификувано како држава, а истите тие се обрзувачки.

КСС за сето ова постојано ги известува меѓународните организации во кој членува, а тоа се ITUC и ETUC, а сега ќе ја извести и целата дипломатија во Македонија, вклучувајќи ја и Европската комисија со пишани и непобитни докази.

За крај, доколку овие активности не сопрат, јавно Ви порачуваме дека брзо ќе го радикализираме своето делување со сите легитимни синдикални можности“.

Најнови вести