Колумна на Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор:
Деновиве некои портали објавија дека Државниот испитен центар (ДИЦ) по 15 април ќе започне национално тестирање на основците во основните училишта во Македонија. Поконкретно кажано, пилот-тестирање на 4000 третооделенци. Целта е како што вели директорот на Елизабета Наумовска „ да се проверат знаењата на учениците-основци по математика и по јазик, а резултатите ќе им служат на надлежните да ги детектираат и поправат слабите страни“. Понатака, вели директорката: „…на пилот – тестирањето ќе учествуваат околу 4000 ученици трето одделенци од училиштата низ државата, избрани по случаен избор, а кои учат и на македонски и на албански наставен јазик. Резултатите нема да влијаат врз учењето на учениците, ниту, пак, на наставниците…“. Со добиените резултати како што наведуваат ќе го мереле квалитетот на знаењата што ги добиваат учениците. Ова ќе било можност и важно и да се креирале наставните програми за „Новиот концепт на основното образование“ што го турка министерката Цароска и оние т.н „експерти“. Од согледувањата на резултатите ќе согледа, односно ќе се ставело акцент, дали има потреба од обука на наставниците и слично.
Ова искажаното од првиот човек на ДИЦ е трагикомично и дискриминирачки, како и понижувачки кон наставниот кадар.
Што се констатира од ДИЦ
Усвоениот „Нов концепт за основното образование“ што го турка Цароска, владата и некои „експерти“, се брзоплети, несериозни и неаналитички. Се констатира дека се во право голем број научни институции, образовни синдикати, како и највисоката научна институција МАНУ, дека се потребни темелити анализи, испитувања за состојбите на образованието на ниво на целата држава, пилот испитувања, снимања на опременоста на училиштата со наставен кадар, нагледност, информатичка опременост, елементарни хигиено – санитарни услови и слично за спроведување на реформи во образованието.Ова е прв момент.
Втор момент, Државниот испитен центар треба да знае дека добиените резултати кај третооделенците по математика и по јазици ќе биде таков како што покажуваат сите досегашни испитувања, домашни и меѓународни, дека слабостите ќе бидат во писмените математички операции, односно мисловните операции, а не во сувопарните нумерички операции ( 100-56, смешно)…Во делот на учење по јазик (мислат на македонски и албански јазик), ќе треба да се согледа дали текстуалниот дел учениците мисловно, логично го разбираат. Резултатите на тој план од досегашните испитувања нашите ученици стојат слабо. Ова ништо не е ново. Она што го испитував и анализирав, а и пишував потребно е да се менува методологијата на работа и дидактичкиот приод во работата. Потребен е таков приод.
Дискриминација
Жалосно, ама вистинито. Испитувањата ќе се направат на трето одделенците по случаен избор само на ученици кои следат македонски и албански наставен јазик. Каде се другите ученици кои следат турски, ромски, босански, српски наставен јазик. Што со овие деца? Овие деца живеат во Република Македонија и за нив треба да се обрне внимание!. Ова е чиста дискриминација господа од власта, МОН, ДИЦ.
Ова е спротивно на Конвенцијата за правата на детето. Македонија ја има ратификувано и усвоено. Не смее да се изолираат овие деца, и тие треба да бидат вклучени во сите образовни активности на испитувања, а не да се гледа на нив како неважни и непостоечки по националност и боја. Тоа е расистички-фашистички приод. Јас ова го осудувам. Како што ја осудувам дискриминацијата што ја прави оваа влада кон Македонците со муслиманска вероисповед.
Очекувам реакција на УНИЦЕФ во Македонија, Народниот правобранител, како и на сите невладини организации кои третираат прашања од образованието и детски и човекови права.