четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

50 сантиметри снег во Преспанскиот регион: Снежната покривка добредојдена за овошките и езерото

50 сантиметри снег во Преспанскиот регион: Снежната покривка добредојдена за овошките и езерото

Снежните врнежи што го зафатија Преспанскиот регион направија прекини во снабдувањето со електрична енергија во повеќе села, но позитивно ќе влијаат врз овошните насади, како и за хидролошката состојба на Преспанското Езеро.

Сите патишта и приоритетните улици, како што информира градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, се исчистени и проодни.

– Силните врнежи од снег направија прекини во снабдувањето со електрична енергија на потегот од Претор до Долно Дупени и кон Стење. Три екипи на ЕВН се на терен и работат на отстранување на дефектот и што побрзо приклучување во системот со електрично напојување. Во овој момент, нема поголем дефект, но, поради лошите временски услови, често доаѓа до прекини на електричната мрежа, изјави Гошаревски за МИА.

Службата за зимско одржување при Општина Ресен, нагласи тој, цела ноќ е на терен и континуирано работи на расчистување на снежната покривка, која изнесува околу 50 сантиметри.

– Пролетниот снег, кој непрекинато врне од вчера, нема да им наштети на овошките, напротив ќе влијае позитивно, а добредојден е и за подобрување на хидролошката состојба на Преспанското Езеро, нагласи Гошаревски.