недела, 3. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Мицевски: Мнозинството на СДСМ и ДУИ е на стаклени нозе, неопходно е ново стабилно парламентарно мнозинство

Мицевски: Мнозинството на СДСМ и ДУИ е на стаклени нозе, неопходно е ново стабилно парламентарно мнозинство

Во вечерашното издание на дебатната емисија “Отворено” на ТВ24 гостуваше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој се осврна на моменталната политичка ситуација во државата, нефункционалното Собрание, како и идните чекори на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицевски потенцираше дека власта не функционира добро уште од првиот ден на формирањето на парламентарното мнозинство, бидејќи власта нема стабилно мнозинство, а показател за тоа се 62 пратеници кои што во најголем дел од седниците не можат да присуствуваат на расправите и со тоа кворумот се нарушува. Тоа значи дека блокадата на Собранието не е од страна на ВМРО-ДПМНЕ, туку од страна на СДСМ и ДУИ, кои пред очите на јавноста покажуваат дека долг период не соработуваат и немаат консензус за одлуките во Собранието.

Мицевски вели дека од вкупно 273 закони во Собранието на Република Македонија од опозицијата се блокирани само 9 или 10 закони, што не претставува блокирање на Собрание, туку несогласување по одредени прашања, што е сосема легитимно.

– Во секоја демократска земја е нормално опозицијата да нема исто мислење со власта, односно да има забелешки во работењето на власта. СДСМ и ДУИ треба да размислат дали добро раководат со земјата и дали нивната работа е во полза на граѓаните или во нивна полза за да останат уште малку на политичката сцена. Јавноста е добро запознаена со работата на Собранието, односно со избегнувањето на одговорност од страна на власта и токму затоа ниту СДСМ, ниту ДУИ не треба да ја напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ. Тие треба да признаат дека мнозинството е на стаклени нозе и дека соработката им е нарушена и е на едно ниско ниво, а тоа ќе допринесе за формирање на ново парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицевски.

Зоран Заев велеше дека со 62 пратеници власта ќе функционира беспрекорно, односно дека граѓаните ќе имаат бенефит од тоа мнозинство. А сега кога мнозинството не може да функционира така како што Заев посакува, се блокираат закони, закочени процедури, тргање точки од дневен ред и така натаму. Тоа докажува за нефункционалноста на власта, додаде Мицевски.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе работи за доброто на граѓаните и ќе учествува на Собранието кога тоа ќе придонесува за подобар живот, но доколку власта продолжува да функционира расипнички и во насока на обезбедување политичка удобност за функционерите, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори таквото мнозинство да се соочи со последиците, заврши Мицевски.

Најнови вести