Пред неколку дена најавив, денес јавно апелирам за носење на одлука за одложување на пописот на населението закажан за од 1ви Април. Ова барање е логично и произлегува од многу факти, истакнува Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение го пренесуваме нејзиниот Фејсбук статус:
Здравствената состојба во Република Македонија е лоша, како последица на пандемијата со Ковид – 19. Ако се земат предвид бројките од последните 8 дена, имаме 8280 новозаразени и 186 починати граѓани како последица од вирусот. Кога веќе се соочуваме со ваква состојба, нормално е да се постават неколку прашања:
- Што е поважно, пописот или здравјето на граѓаните?
- Дали треба прво да се спроведе вакцинација на населението па после да тераме една таква, обемна теренска активност?
- Дали треба сите политички чинители да поклонат верба на Законот за попис и методологијата за попишување?
И има уште многу логички прашања кои со право си ги поставуваат граѓаните. Затоа, треба да надвладее разумот, и пописот да се одложи. Ако мене ме прашувате, помеѓу пописот и здравјето, без дилема го одбирам здравјето.