Пратеникот во македонското Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Аџиоски смета дека измените и дополнувањата на Законот за води кој е во собраниска процедура на 32 пленарна Седница, не се носат со цел да се заштитат водите или да се изнајдат решенија за нивната состојба во Македонија.
Тој од собраниската говорница истакна дека, од она што може да се види во предлог законот измените се со цел да се усогласат само делови од законот со новите Закон за прекршоци и Закон за за инспекциски надзор, а не за заштита на водите.
„Од она што го гледам во самиот предлог на закон, се гледа дека главната цел на измените за законот не е да се донесат предлог на законски решенија за се заштитат водите или да се изнајдат решенија за нивната состојба, туку се однесува само на делот за усогласување со новиот Закон за прекршоци и со новиот Закон за инспекциски надзор“, истакна Аџиоски.
Тој појасни дека од постоечкиот закон, со новите измени се бришат членови кои се од суштинско значење на заштита на македонските води, меѓу кои се укинува членот каде што инспекторот за животна средина, односно водостопанскиот инспектор, при утврдување на неправилност е должен лицето или субјектото кој направил прекршок да им врачи покана за едукација.
„Исто така се брише формата и содржината на поканата за едукација како и начинот на спроведување на едукацијата кој ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа, надлежен за вршење на работите од областа на животнатата средина. Се брише дека државниот инспектор кој ја организира и спроведува едукацијата, се брише и делот дека, доколку државниот инспектор за животна средина, односно водостопанскиот инспектор кој го извршил инспекцискиот надзор, при спроведување на контролниот надзор утврди дека не се остранети утврдените неправилности, поднесува барање за спроведување прекршочна постапка пред прекршочната комисија“, рече Аџиоски.
Тој додаде дека со членот седум се брише и членот кој се однесува на постапување по пријава од физички и правни лица, каде беше предвидено дека надлежните органи се должни во рок од седум дена да постапат по иницијатива или пријава за поведување на инспекциска постапка.