Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и Академијата на архитекти како дел од Асоцијацијата денеска соопштија дека внимателно ги следат дискусиите во врска со парцелите спроти хотелот „Холидеј ИН“ во центарот на Скопје порачаа да се почитува генералниот урбанистички план и јавниот интерес.
Укажуваат дека организацијата на просторот во кој живееме се спроведува преку Генералните и Деталните урбанистички планови, а просторот е необновлив ресурс и со него треба да се ракува внимателно и со почит.
– ААМ е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022 год. и плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Тоа се однесува и на планот во чиј состав е оваа локација спроти хотелот „Холидеј Ин“, но и за сите останати за кои постои интерес во јавноста како што се фабрикатаТреска, Дебар Маало, Мал Ринг, Езеро Треска, Расадник и т.н. Деталните урбанистички планови, кои претставуваат акти од јавен интерес, треба да содржат креативни решенија, кои на жителите, корисниците и посетителите на просторот ќе им овозможат негово безбедно, квалитетно и комфорно користење и доколку не е така истите мораат да бидат коригирани, соопшти ААМ.
Во изминатиот период, ААМ го поддржа „мораториумот“ за градење на 33 Детални урбанистички планови во општина Центар, стои во соопштението, како единствен начин да се спречи спроведувањето на важечките планови кај кои се констатирани сериозни прекршувања и недоследности во однос на Генералниот урбанистички план и општите правила и параметри на урбанистичко планирање, додека не се донесат нови, а со цел да се загарантира и почитува едно од највисоките уставни права, а тоа е јавниот интерес. Но, напоменуваме дека „мораториумот“ има смисла ако е временски и и содржински строго и наменски ограничен.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Академијата на архитекти, константно ги следеше актуелните случувања околу мораториумот. Кон средината на 2019 год., на покана на Општина Центар беа одржани консултативни состаноци на кои беше посочено дека одолговлекувањето на состојбите е контрапродуктивно и се понуди активно да бидат вклучени во разрешувањето на проблемите со конкретни предлози за тоа како побрзо и поефикасно да се делува. И понатаму ААМ стои на располагање на надлежните институции за инклузивност во делување за оптимизирање на процесите и процедурите во насока на навремено и правилно донесување одлуки кои ќе им овозможат на архитектите легитимни услови за работа. Како архитекти не сме против градење, ниту против личните и бизнис интереси на поединци, доколку тие не го загрозуваат квалитетот на животниот простор и јавното добро, наведуваат од Асоцијацијата.
Изразуваат подршка на колегите архитекти за кои квалитетниот и хуман простор е иманентна цел на нивните планови и проекти, постигнувајќи го тоа со стручност и професионализам и со личен интегритет и достоинство. Притоа ја повикуваат и Комората на овластени архитекти и инженери активно да се вклучи во процесите на креирање на просторот, како и да се грижи за правата и дигнитетот на професијата.
На граѓаните им порачуваат да бидат вклучени и да учествуваат во донесувањето одлуки при креирање на просторот, со почитување на експертизата од професионалците. Нивната порака до локалната самоуправа е да се почитува квалитетниот градски простор, неговата урбана и архитектонска историја преку создавање на услови за сеопфатна инклузивност при негово креирање со разни методи на транспарентен натпревар на идеи за значајни локации, содржини и програми.
На Министерство за транспорт и врски, пак, му порачуваат одговорно да се менеџира со државното земјиште како јавно добро при што, потенцираат, визијата за градот во иднината, иако е сложен процес, треба да биде суштинска градска политика креирана во соработка со стручњаци од сите инволвирани области.
Откако Уставниот суд минатиот месец го укина мораториумот за ДУП-от, најавената изградбата на висококатниците на локацијата кај „Холидеј ин“ предизвика редица реакции во јавноста. Се потпишува петицијата против изградбата, а жителите на населбата Ново Маало на локацијата кај што треба да се гради го поддржуваат проектот и бараат Општината да даде согласност за реализација.
Инвеститорот „МГ Фешн“ преку електронскиот систем на Општината поднел барање за градежна дозвола, а изградбата може да се спречи доколку Советот на Општина Центар донесе одлука за суспензија, но, штетите доколку се влезе во постапката за суспензија, а не се постигне посакуваниот ефект, ќе ги сноси Општината. Доколку Советот донесе одлука за суспензија на планот ќе треба да достават елаборат до Министерството за транспорт и врски на кој тие ќе треба да дадат мислење. Министерството потоа има рок од 15 дена да даде свое мислење и повторно се враќа во Советот на Општината на конечна одлука.
Идејниот проект предвидува вкупно развиена бруто површина над земја од 89.627 квадратни метри или малку повеќе од половина од површината дозволена за градба, а максималната катност е П+22. Паркирањето ќе биде обезбедено исклучиво во градежната парцела 1.1 во три подземни нивоа со 969 паркинг места. Објектот ќе се состои од три кули со различна намена од кои две се за домување, кои би гледале кон Кеј „13 Ноември“, а деловната зграда е со помала катност П+16 и би гледала кон деловната зграда на Соравија.