вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

Сите знаете дека миењето на забите е важно, но дознајте какви болести ви се закануваат ако не го правите тоа

Сите знаете дека миењето на забите е важно, но дознајте какви болести ви се закануваат ако не го правите тоа

Лошата хигиена на забите и усната шуплина влијае на здравјето на внатрешните органи, но не се знае точно до која мера бидејќи би било неетички да се спроведе истражување во кое би се барало од испитаниците да не ги мијат забите подолго време.

Овие 10 болести се сметаат за последици од лошата орална хигиена:

1. Болести на непцата

При миење на забите не треба да ве болат или да крварат непцата. Тоа се показатели за болести на непцата како гингивитис што се манифестира со црвени, отечени и раскрвавени непца. Тоа се јавува како последица на бактерии што се насобираат меѓу забите. Напредна форма на гингивитис е парадентоза што може да резултира со уништување на потпорното ткиво на забите и коските и предизвикува паѓање на забите.

2. Губење на забите 

На возрасните луѓе меѓу 20 и 64 години во просек им недостигаат околу 7 трајни заби, а дури 10% од Американците на возраст од 50 до 64 години немаат ниту еден свој заб. Нередовната хигиена на забите доведува до појава на кариес кој ако не се лекува резултира со расипување и губење на забите.

3. Непријатен здив (Халитоза)

Халитозата е честа или трајна појава на непријатен здив со која се соочуваат повеќе од половината од популацијата на Земјата. Халитозата може да биде симптом на сериозни заболувања, но најчесто е последица на лоша орална хигиена. После секој оброк во усната празнина, меѓу забите остануваат остатоци од храна што со тек на време се распаѓаат и создаваат непријатен мирис. Исто така е важно и одржување на хигиената на јазикот на кој исто така се задржуваат бактерии што создаваат непријатни мириси.

4. Деменција

Едно долго и сеопфатно истражување направено во домот за пензионери во Лагуна Хилс покажало дека постои поврзаност меѓу лошото орално здравје и деменцијата, иако е можно луѓето кои одржуваат редовна орална хигиена да водат повеќе грижа и за општото здравје. Истражувачите набљудувале  5.468 луѓе во текот на 18 години и откриле дека меѓу пензионерите кои уште ги имале своите заби, оние кои изјавиле дека не ги мијат забите секој ден имале 22 до 65 поголем ризик од деменција од оние кои ги миеле забите три пати дневно.

Долгото истражување покажало дека мозокот кај болните од Алцхајмерова болест има повеќе бактерии поврзани со болести на непцата од луѓето кои биле когнитивно здрави.

5. Воспаление на белите дробови

Кога во усната шуплина има патогени бактерии, заедно со воздухот се вдишуваат во белите дробови каде може да нанесат голема штета. Подобрувањето на оралната хигиена ја намалува зачестеноста на ваквите воспаленија на белите дробови за 40 отсто. Едно долго истражување покажало дека три од четворица пациенти со воспаление на белите дробови имале некаков облик на парадентоза.

6. Еректилна дисфункција

Причинско-последичната врска меѓу еректилната дисфункција и лошата орална хигиена можеби се чини непостоечка и неважна, но едно прелиминарно истражување објавено во „Journal of Sexual Medicine“ покажало дека овие две состојби може да бидат директно поврзани. И двете се последици на пушење и недоволно количество витамин D, но директната поврзаност меѓу овие две работи уште не е позната.

Во истражувањето спроведено на случајно избрани пациенти на возраст од 30 до 40 години покажало дека 53 отсто од испитаниците со еректилна дисфункција има напредна парадентоза, за разлика од групата што немала еректилна дисфункција и каде парадентоза имале само 23 отсто од испитаниците.

7. Дијабетес

Познато е дека една од последиците на дијабетесот е појава на парадентоза кај пациентите, но неодамна беше откриено и дека овој причинско-последичен однос е взаемен. Лошата орална хигиена може да биде причина за инсулинска резистенција бидејќи предизвикува воспаленија во организмот.

8. Болести на срцето

Многу истражување покажале дека постои поврзаност меѓу болестите на непцата и болестите на срцето. Авторите на истражувањето за Американското здружение за срцеви болести спроведено во 2008 година побарале парадентозата да се класифицира како нов маркер (или ризик фактор) за срцеви болести, независно од другите маркери.

Парадентозата и срцевите болести делат многу заеднички фактори поради кои би ги ставиле во корелација. Со лекување на парадентозата се намалуваат воспалителните процеси во телото, дури и ако тие не влијаат врз развојот на срцевите болести, велат истражувачите.

9. Компликации во бременоста

За време на бременоста од 60 до 75% од трудниците имаат проблем со гингивитис, што директно се одразува на состојбата на забите кај детето. Лошата орална хигиена на идната мајка е фактор и за мала породилна телесна тежина на бебето, како и за предвремено породување.

Истражувачите сметаат дека во прашање е една од овие причини:

Или е зголемено воспалението во целиот организам, или некоја орална бактерија влегува во системот на крвните садови на трудницата и со тек на време се населува во постелката што директно влијае на развојот на детето.

10. Рак

„Доказите до кои дојдовме неодамна укажуваат дека опсегот и тежината на парадентозата и губењето на забите можеби се поврзани со зголемен ризик од малигни заболувања“, беше соопштено откако тим научници направи опсежен преглед на сите истражувања за причините и последиците од парадентозата на организмот.

Оралните болести и проблемите со забите се директно поврзани со ХПВ (Хуман папилома вирус), што предизвикува околу 80% од оралните карциноми. Иако пушењето е голем фактор за заболување од рак, истражувањето спроведено минатата година на 3.439 испитаници го идентификувало лошото орално здравје како засебен фактор што директно влијае врз заболувањето од ХПВ.

Други испитувања покажале дека парадентозата го забрзува развојот на канцерогени клетки во устата.