сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Осомничените лекари за царскиот рез во Битола се спогодија и добија условни казни

Осомничените лекари за царскиот рез во Битола се спогодија и добија условни казни

Тројца осомничени лекари, двајца гинеколози од Битола и лекарка од Србија, која на 1 јануари годинава правеше царски рез во битолската болница иако нема соодветна лиценца за работа во земјава, се спогодија со Обвинителството и добија условни казни.

Од ОЈО Битола соопштија дека тие ги признале делата и се спогодиле. Првоосомничениот гинеколог, кој е сопруг на српската лекарка, се гонеше злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа, а со спогодбата добил казна од 8 месеци затвор, која нема да се изврши ако во рок од три гони не стори ново кривично дело. Вториот гинеколог, кој е осомничен за злоупотреба на службената положба, се спогодил на затворска казна од три месеци, која нема да се изврши ако во рок од една година не стори ново кривично дело. Лекарката од Србија, која се гонеше за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, добила парична казна од 1.000 евра.

Кривичното дело надрилекарство, за кое се гонеше српската лекарска „паднало во вода“, бидејќи првиот циклус на студии ѝ бил признаен од нашето Министерство за образование и наука, како и тоа што од Комисијата на Клиниката за гинекологија од Скопје претходно дозволила таа дел од турнусите во траење од 12 месеци да ги врши тука и да ѝ биде признаена специјализацијата што ја стекнала на Универзитетот во Белград.

„Во текот на постапката се утврди дека со решение на Министерството за образование и наука на РСМ на третоосомничената како странски државјанин ѝ е признаен завршен прв циклус на студии и стекнат академски назив доктор на медицина. Таа има положено специјалистички испит по гинекологија и акушерство на Медицински факултет при Универзитетот во Белград и со одлука на Комисија на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје од февруари 2020 година одлучено е третоосомничената да заврши дел од турнусите во траење од 12 месеци по што ќе ѝ биде признаена специјализацијата по гинекологија и акушерство како да е стекната во РСМ. Поради тоа, во конкретниот случај отсуствуваат битните елементи за постоење на кривичното дело надрилекарство, а тоа е сторителот да нема пропишана стручна подготовка и да се занимава со лекување што подразбира континуирано, подолготрајно вршење такви дејствија“.

Обвинителството во истрагата утврдиле дека гинекологот од Битола, кој ѝ е сопруг на лекарката, на 1 јануари годинава ја повикал сопругата да изврши царски рез. Другиот гинеколог од битолската болница, пак, не ја спречил туку дозволил таа да учествува во зафатот.

„Со ваквите дејствија двајцата осомничени и прибавиле корист на третоосомничената изразена во право таа да учествува како оператор при породување со царски рез на пациентка“, велат од ОЈО Битола.

Дополнително, на 4 јануари гинекологот, сопруг на лекарката, во службената книга во која се внесуваат податоци за извршени оперативни зафати отстранил четири страници, а во новоотворениот оперативен дневник внел невистинити податоци.

Делото непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, пак, за кое е казнета српската лекарка, е затоа што таа отишла во битолската болница иако во сила била мерка за заштита против ковид-19 со која се забранува движење и посета на болниците од неовластени лица.

Најнови вести