Доколку не сте влегле во училница и не сте одржале час многу тешко е да ја осознаете методиката на наставата и основите на воспитно-образовниот процес. Знаеме дека не сите училишта во Македонија можат да направат дигитален скок. Наместо овој период да се искористи и да се надополни претодното вложување во дигиталната писменост и технологија, тоа се уништи и го нема и ние последните години во училиштата сме сè уште нација на табла и повеќето училници заостануваат во вклучувањето на технологијата во наставата. Теретот од наставата на далечина падна на учениците, наставниците и родителите, а надлежните не се потрудија воопшто да ги обезбедат потребните услови. Министерката за образование и наука најпрвин треба да обезбеди сигурен пристап до технологијата за секој ученик, па потоа да воведува само дигитални учебници. Кога станува збор за дигитални учебници наспроти печатени учебници, мора да се земат предвид можните технолошки пречки што можат да се појават.
Најосновно, дали училницата има доволно места за полнење на батериите на уредите?
Како наставникот и учениците ќе се справат со проблемите што се јавуваат со интерфејсот на уредот?
Министерке, а може сте слушнале за е-читачи, за називите ,,FB2“, „EPUB“, „MOBI“ и др.?
На кој начин ќе ги пренесете мултимедијалните содржини од дигиталните учебници во печатен учебник, па копијата ќе биде еднаква за учениците?
Дополнително треба да потенцираме дека доаѓа до израз класно раслојување и нееднаквост кои ќе произлезат од разликите во економските можности на родителите.
Печатениот учебник има посебни физички ограничувања што диктираат линеарна навигација на материјалот за учење. Се забележува способноста лесно да се обележат хартиените документи. Сфаќањето на учениците за сложените информации е поголемо од хартија отколку од електронските документи. Учениците претпочитаат да печатат документи што содржат сложени информации за читање. Читањето сложени, долги хартиени документи може да помогне во анализа на контекстуалноста и подлабоко чувство на знаење. Претпочитање на учениците да користат печатени материјали кога е потребно длабинско читање и учење. Учениците запомнуваат и се задржуваат на повеќе детали кога учат од печатен текст отколку од екран. Читањето со разбирање е подобро со печатените учебници.
Корисниците на дигитални материјали за учење многу често пријавуваат здравствени проблеми, вознемирувачки чувства на дезориентираност, кои произлегуваат од комбинацијата на лизгање и постојано префрлање на вниманието од место до место на дисплејот и помеѓу хиперврските. Се јавува големо когнитивно оптоварување кое е поврзано со нелинеарна навигација во хипермедијални средини како и визуелниот замор предизвикан од емитирана светлина од дигитални уреди. Со електронското читање исто така се влијае врз длабоките вештини за читање, разбирањето и развојот на долгорочно знаење и критичко размислување. Лизгање и прелистување на екран не им дозволува на учениците да воспостават визуелна меморија за специфични зборови во текстот, што значи дека е потешко да се запомнат фразите и концептите во дигиталните учебници отколку во печатените учебници.
Учениците мора да користат печатени учебници и да им бидат на располагање во секое време затоа што знаеме дека немаат сите ученици пристап до уред. Пред да се одлучи да се понудат само дигиталните учебници, надлежните треба да ги ставаат достапни задолжително печатените учебници за учениците и тоа како основни, првични материјали за знаење. Само на тој начин учениците би можеле да проверат сè во печатениот учебник за краток временски период со цел да направат пауза од читањето на дигиталните учебници.
Ако сакате само да се обидете да научите нешто што ќе биде опфатено на тест, кој пак е плиток по природа тогаш дигиталниот учебник навистина ќе биде корисен.
Но, доколку пак се надевате длабоко да нурнете и да ги соберете непропустливите бисери од знаење, тогаш потребни се печатениот учебник и книгата.
Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература