Од Буџетот парите за платите на администрацијата секоја година растат, растат и ветувањата на власта дека мора да се крати од пребројната администрација, а токму тие вработувања им се единствената алатка за задоволување на апетитите на партиските активисти. Во 2008 година за плати на администрацијата се обезбедиле 339 милиони евра, а годинава таа бројка, пред ребалансот е 510 милиони евра. Дали за толку се зголемил и квалитетот на услугите кои граѓаните ги добиваат од државната администрација?, објавува МКД.мк.
За плати на државната администрација годинава ќе одделиме 144 милиони евра повеќе од парите дадени во 2009 година, или 134 милиони евра повеќе од 2011 година. Во 2019 година буџетот за плати за државната админиустрација беше 60 милиони помал од оној за годинава, а лани 20 милиони евра помалку од 510-те милиони евра предвидени за годинава.
Предизборните ветувања за намалување на бројот на вработени во јавниот сектор остануваат на хартија. Бројот на огласи и интересот за вработување во администрацијата расте. Намалувањето на бројот на администрацијата останува предизвик за секоја влада, а ниту една од нив досега не покажала храброст за посериозни резови во однос на бројот на врабитените и професионализацијата на администрацијата. На сите им е јасна неопходноста од реформите во оваа област, ова стана и дел од поглавјата за преговори за членство во Европската Унија, но бројките не се менуваат. Напротив.
Статистиката на Агенцијата за администрација го покажува и големиот интерес на граѓаните за вработување токму во државната администрација. Во 2019 година имало 517 огласи за вработување на 1.669 административци, а пријавени биле 15.969 кандидати. Бројот на јавни огласи во 2020 година беше зголемен за 23,89 отсто, од кои бројот на оние во државната управа, без локалната, е зголемен за дури 60,71 отсто повеќе, објави Агенцијата за администрација.
Бројот на вработените во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2020 година изнесува 131.183 лица. Тие својот работен ангажман го реализираат во вкупно 1.332 институции. Од вкупниот број, 19.594 лица се вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција. Најголем број на вработени се во образованието 32%, здравството 19 %, управата 14%, комуналните дејности на јавните претпријатија 9,6%.
Иако платите во администрацијата не се високи, граѓаните државата ја сметаат за најсигурен работодавач. Сепак, сите анализи покажуваат дека во Македонија зборуваме за неспособна, непрофесионална и партизирана администрација. За ова засега ниту една власт не покажа политичка волја за сериозно реформирање. Реформите во јавната администрацијата се вклучени во првиот кластер од преговарачката рамка. Овој кластер се смета за најважниот кластер. Тој ги опфаќа поглавјата кои се однесуваат на правосудството и основните права, правдата, слободата и сигурноста, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, економските критериуми на јавната управа и јавни набавки како и финансиската контрола и истиот трае во текот на целиот преговарачки процес.