понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Едно во опозиција, друго на власт: Наумоски беше паркобран, сега шеф на кабинет на Шилегов, по чиј налог се сечат дрва во Карпош

Едно во опозиција, друго на власт: Наумоски беше паркобран, сега шеф на кабинет на Шилегов, по чиј налог се сечат дрва во Карпош

Во опозиција паркобрани, на власт сечачи на дрвја, така може да се објасни примерот со Никола Наумоски, кој протестираше кога се сечеа дрвјата пред хотелот Бристол во центарот на Скопје, а денеска пак по налог на град Скопје, беа сечени дрвја во населбата Карпош 4.

Инаку, Никола Наумоски е шеф на кабинетот на градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

Во 2013 година претставувајќи се како независни граѓани, некои уште од тогаш, а некои сега истакнати членови на СДСМ организираа протести поради сечењето дрвја, еден од главните организатори беше Никола Наумоски сега шеф на кабинетот на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Утринава во општина Карпош, поточно во населбата Карпош се спроведе сеча на две големи тополи, а граѓаните оправдано се револтирани. Од општина Карпош пак топката ја префрлија кај град Скопје, дека сечата се извршува по налог на градската администрација, а не општинската.

-Во општина Карпош по барање на граѓаните од околните згради, а по налог на Град Скопје, ЈП Паркови и зеленило, исече две тополи. Ова е сторено по претходно утврдени испитувања за состојбата на двете дрва, се вели во соопштението на општината.

Од таму дополнуваат дека општината нема издадено налог за сеча на дрвата во Карпош 4, како и на постоечката локација не била предвидена изградба на било каква инфраструктура или градежни активности.

Инаку да потсетиме што стоеше во програмата. Имено, денеска по налог на градската администрација беа исечени две тополи во Карпош 4, иако истата таа градска администрација пред изборите ветуваше дека Скопје ќе било зелена европска метропола до 2021 година.

Додека пак во програмата на кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Стефан Богоев беше ветувано дека во Карпош 4 ќе биде изграден огромен парк.

Голема дива депонија е глетката која граѓаните секојдневно ја гледаат покрај кејот на реката Вардар во Општина Карпош. Место кое треба да биде користено за рекреација на граѓаните е претворено во потенцијално упориште на разни зарази и болести. Инаку, токму ова е едно од местата каде треба да биде огромниот парк кој градоначалникот на општината, Стефан Богоев го вети во Карпош.

Но, не само што од овој парк се уште нема ништо, туку едно од местата каде што треба да се протега овој голем проект е опасност по здравјето на луѓето.

Пред десетина дена редакцијата на Курир беше на лице место и можеше да се увери каква е состојбата со дивата депонија, која е полна со ѓубре, а така седи подолго време.