недела, 28. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

Мафијата заработува, граѓаните се трујат! Опасниот отпад во државава закана по здравјето на луѓето!

Мафијата заработува, граѓаните се трујат! Опасниот отпад во државава закана по здравјето на луѓето!

Сѐ додека нема акредитирана македонска лабораторија во која ќе се испитува што содржи отпадот кој би се користел како енергенс, треба да остане забраната за негово увезување, се вели во текстот на ДВ.

Граѓани, еколошки активисти, пратеници, реагираат на еден член од предложениот Закон за управување со отпад, со кој ќе се овозможи увоз на отпад што ќе се користи како енергенс. Минатата година со законски измени таквата можност беше забранета, но таа сега повторно се отвора и тоа со „европско знаменце”, заради усогласување на регулативата во оваа сфера со европските директиви. Законот е во прво читање во парламентот, а пратеничката и претседателка на зелената партија ДОМ, Маја Морачанин, подготвува амандман со кој ќе бара да се важи сегашното решение – забрана за увоз на отпад кој ќе се користи како енергенс. Во разговор за ДВ таа ја образложува причината за тоа.

„Проблемот е што во земјава немаме ниту воспоставено институционални механизми ниту акредитирана лабораторија во која ќе се испитува што сѐ содржи отпадот кој би се користел како енергенс. Не е доволно да се испита само еден параметар, туку сите. Ние таква можност немаме. Тоа што го пишува во декларациите, во практика честопати не се потврдува и многу случаи во регионот покажаа дека има големи злоупотреби. Сѐ додека не се обезбеди ефикасна контрола на увезениот отпад, нема потреба да се ставаме во опасност и да преземаме потенцијален ризик со кој ќе ги загрозиме, водухот, водите и почвата. Затоа, најпрво треба да обезбедиме ефикасна контрола во која сите ќе имаме доверба“, вели Морачанин.

Морачанин потсетува дека нашата земја ја има ратификувано Базелската Конвенција која служи за контрола на прекугранично пренесување на опасниот отпад и негово одлагање, чија цел, меѓудругото, е и да се заштитат помалку развиените земји од увоз на опасен отпад од кој сакаат да се ослободат економски поразвиените држави, пишува ДВ.

СДСМ, ДУИ и Беса молчат

Екологистите во нашата држава будно ја следат процедурата која се спроведува во македонскиот парламент, како и тоа дека бараат одговори од пратениците дали амандманот на Морачанин ќе биде прифатен.

„Како иницијатори за формирање на интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, побаравме став од пратениците кои се членови на Комисијата за европски прашања каде овој закон се разгледува, и партиски став во однос на тоа дали ќе го поддржат амандманот. Се изјаснија само од ЛДП и ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го поддржат, но став од СДСМ, ДУИ, БЕСА не добивме“, вели Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.

Од ова здружение се децидни дека од законот треба да се тргне член 93, став 3, точка 3 и став 4, односно да не се овозможува увоз на RDF (Residual derivate fuel) и SRF (Solid recovered fuel). Бидејќи ништо не е променето од февруари 2020 кога пратениците изгласаа забрана за увоз на отпад како енергенс, сметаат дека нема никаква основа таа забрана да се тргне со новиот закон.

„Мафијата е влезена во трговијата со отпад. Склучен е пакт помеѓу трите мафии Камора, Ндрангета и Коза Ностра за контрола на депониите на Балканот и извезување на комуналниот и индустриски (опасен) отпад од Италија и други земји во нашиот регион. Дирекцијата за истрага против мафијата (DIA) во Италија водеше голема истрага за трговијата со отпад. Италијанскиот обвинител за борба против мафијата редовно ја посетуваше нашата земја и другите од регионот кои се таргет на италијанската мафија. Во Италија, Бугарија, Романија, Албанија има голем број на истраги поврзани со увоз на RDF/SRF. Причините се разлика во она што се декларира на царина во документацијата, и она што е всушност внатре во балите отпад, потоа се фалсификуваат податоци, лабораториски вредности, има измешано опасен отпад, медицински отпад, отпадот се остава на несоодветни места итн“, посочува Чакулев.

Како пример го истакнува податокот дека во Италија помеѓу јануари 2017 и мај 2018 биле извршени 54 истраги за организирана илегална трговија со отпад, при што се утврдило дека повеќе од 4.5 милиони тони на токсични супстанции не биле соодветно декларирани како опасен отпад. Зошто тој бизнис е профитабилен за италијанската мафија? Наместо да платат 60.000 евра за легално одлагање на еден контејнер од 15.000 тони опасен отпад, тие за само 5.000 евра го одлагаат нелегално во Источна Европа или Азија. Во најголем дел од Европа, брокерите им плаќаат на цементните фабрики стотици евра по тон за отпад кој потоа се согорува, а цементните фабрики во Романија и другите земји во Балканот го прават тоа по многу пониски цени, за само 10 до 50 евра по тон.

„Немаме ниту кадри, ниту опрема, ниту акредитирана лабораторија, ниту пак доволно обучени и некорумпирани инспектори. Последниот пример со увозот на т.н. мазут потврди колку нѐ ни функционира скринингот – земање примероци, тестирање во акредитирана лабораторија, инспекцијата… Ако немаме контрола на отпадот кој би се увезувал, нема да знаеме што точно ни влегува во земјата, ниту пак ќе знаеме што и во која количина се ослободува при негово согорување“, објаснува Чакулев.

Сите аргументи против

Во моментов сите аргументи лежат на еден тас на вагата – да остане забраната за увоз на отпад што ќе се користи како енергенс. Прво, дури и цариниците „визуелно“ да се посомневаат дека одредено количество на увезен отпад треба да оди на испитување, потребна е цела низа лабараториски испитувања за точно да се утврди што содржи тој, а во земјава нема акредитирана лабораторија за тоа. Второ, дури и компании кои можат да го користат отпадот како гориво, сѐ уште ги немаат исполнето условите за добивање интегрирани еколошки дозволи. Трето, во зависност од тоа дали горат отпад помалку или повеќе од 6 месеци во годината, имаат обврска само еднаш до два пати годишно да ги мерат количините на ослободени диоксини и фурани, тешки метали како кадмиум, талиум, жива, антимон, олово, хорм, кобалт, бакар, манган, никел, ванадиум, хлороводород, флуороводород, а тоа не ја дава точната и комплетна слика за количините кои се ослободуваат при согорувањето на отпадот. Сето ова претставува огромен ризик за здравјето на граѓаните и за животната средина.

Чакулев посочува дека во Словенија после 10-годишна борба е затворена цементарата во Трбовље, која како гориво користела меѓу другото и петрол кокс и отпад. Таа ги штелувала вредностите на емисиите, дури и ги бришела кога биле повисоки од дозволеното. Регионот Засавје во кој се наоѓа цементарата, има највисока стапка на заболени од канцер. Не случајно, Голдмановата награда за животна средина („зелениот Нобел“) во 2017 година ја доби словенечкиот земјоделец и активист на „Еко круг“, Урош Мацерл, токму заради неговата долгогодишна борба и заложба на организирање на локалното население во одбрана на човековото право да дише чист воздух.

Најнови вести