Пратеникот на ДОМ Мирослав Богдановски си поднесе оставка од функцијата пратеник. Тој се враќа на претходното работно место – главен инспектор во град Скопје.
Како што дознава Курир Богдановски си поднел оставка бидејќи не ги поддржува политиките на власта како и раководењето на Маја Морачанин како претседателка на ДОМ е недемократско.
Оставката на пратеникот Богдановски треба да се констатира денеска во Собранието, а Државната изборна комисија треба да даде предлог за тоа кој ќе го заземе местото на Богдановски.
Следна на листата е Анета Симеска од СДСМ – Македонски Брод, но поради нејзината функција директор на Пазарниот инспекторат таа нема да стане пратеничка. Се очекува дека на местото на Богдановски ќе дојде Даниела Николова од СДСМ, Аеродром, која е 13 на листата во ИЕ-1.
Раздорот во ДОМ кулминираше минатиот месец, кога беа разрешени потпретседателите Мирослав Богдановски и Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина. Двајцата беа дел од иницијативата за вонреден конгрес, но Централниот одбор ја прогласи за нелегитимна и на обајцата им изрази недоверба.