Меѓу забелешките на ДЗР се дека недостасувале јасно дефинирани карактеристики на заштитната опрема за ковид-19 што е ризик за набавка на недоволно квалитетна стока, како и дека различни институции за исти или слични стоки плаќале различни цени.
На секои десет јавни набавки во земјава поврзани со ковид-19, дури девет биле спроведени со директно преговорање наместо со објавување јавен оглас. Ова го соопшти Државниот завод за ревизија (ДЗР) по направената ревизија на набавките на 19 институции чија намена била заштита и превенција од ковид-19.
Ваквиот начин на спроведување на набавките, велат ревизорите, не овозможува еднаков третман и конкуренција помеѓу фирмите.
-Во отсуство на прецизно дефинирање на критериуми за ‘итноста’ на набавките и видот на стоки, услуги и работи кои можат да се набавуваат во време на вонредна/кризна состојба, не може да се потврди во целост оправданоста на итноста на дел од постапките. Воспоставениот начин на спроведување на постапките – со преговарање без објавување на оглас – не овозможува еднаков третман и конкуренција помеѓу економските оператори. Имено, за дел од постапките за јавни набавки спроведени се преговарања со еден економски оператор, соопштија од ДЗР.
Сите набавки не биле за справување со пандемијата
Ревизорите забележуваат и дека нема упатства и обрасци како треба да изгледа стандардна тендерска документација и техничка спецификација со кои ќе се унифицираат правилата за набавките од итен карактер, како и карактеристиките на стоките кои се набавуваат.
Затоа, иако институциите во одлуките објаснувале дека набавуваат средства за превенција и заштита од коронавирусот, дел од стоките што ги купувале, всушност, биле за нивно редовно функционирање.
-Дополнително, договорните органи спроведувале јавни набавки од крајна итност и во период кога можело да биде спроведена редовна постапка за јавна набавка. Преку извршената анализа на спроведените постапки за периодот од 1.10.2020 година до 28.02.2021 година е утврдено дека врз основа на спроведени јавни набавки поради итност, доделени се договори во износ од 88 милиони денари, велат од ДЗР.
Различни институции плаќале различни цени за исти или слични стоки
Меѓу забелешките е и што институциите поради „итност“ ја прескокнувале фазата на планирање на постапките за јавна набавка и тоа влијаело да се достават покани за преговарање до помал број фирми.
Понатаму, ДЗР предупредува и на опасноста од набавка на заштитна опрема за здравствените установи која не е доволно квалитетна, што пак, се должи на тоа што нема јасно дефинирани карактеристики на заштитната опрема.
Исто така, констатирано е дека различни институции плаќале различни цели за исти стоки.
-Ревизорите утврдија:
– за исти или слични стоки во различни институции се постигнати различни цени, а варијацијата на цени кај определени стоки достигнува значителни разлики; и
– неусогласености помеѓу доделените договори за јавни набавки и тендерските документации и техничките спецификации, што го отежнува следењето на реализацијата, дали фактурираните цени соодветствуваат со договорените, нагласуваат од ДЗР.
Не се користи законската можност за групни набавки
Во соопштението кое го објави ДЗР се забележува и дека за јавните набавки не е искористена можноста што ја дава Законот за јавни набавки (член 61 став 7), а која предвидува да се задолжи една институција за централизирано или групно спроведување на набавките за потребите на сите институции.
-И покрај тоа што во периодот на траење на вонредната состојба се донесени Уредби за интервентни набавки на маски и ракавици, со кои се предвидени максимални цени и количини на овие стоки, како и една институција која треба да ги спроведе набавките, не се преземени активности за постапување по нив, велат ревизорите.
Извештајот на ДЗР е направен за периодот од 1 март 2020 до 1 октомври 2020 иако, додаваат оттаму, некои прашања се опфатени и последователно. Под лупа биле 19 институции од различни дејности и региони кои во тој период имале јавни набавки поврзани со превенција и заштита од ковид-19, а дел од нив биле директно инволвирани и во справувањето со пандемијата.
Во овој приод овие институции склучиле договори за јавни набавки од 416,6 милиони денари, а предмет на ревизија биле 80 проценти од овие договори со вкупна вредност од 335,4 милиони денари.