Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Организацијата на работодавачи на Македонија имаат Меморандум за соработка, кој денеска го потпишаа ректорот Никола Јанкуловски и претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска.
Со овој Меморандум за соработка, како што информира УКИМ, договорните страни се стремат да го уредат својот меѓусебен однос и да ја предвидат својата долгорочна соработка и меѓусебна поддршка во понатамошните активности преку имплементирање заеднички проекти со цел да се задоволат потребите од високостручен кадар во сите сегменти на приватниот и јавниот сектор, континуирано приспособувајќи се на динамичните промени во овој домен, како и зголемување на интересот на приватниот сектор за дипломците на Универзитетот.
–Со потпишувањето на овој Меморандум, договорните страни ја изразуваат подготвеноста за предметната соработка, врз основа на заемна доверба и разбирање и се согласни соработката да ја темелат врз начелата и постапките, предвидени со овој Меморандум, соопшти УКИМ.
Во согласност со Меморандумот, ќе се изгради долготрајна партнерска соработка помеѓу договорните страни, која ќе се однесува на реализација на практикантска обука на студенти за времетраење на студиите; анализи за потребите од профили на кадар на пазарот на трудот; реализација на заеднички проекти и вклучување претставници на бизнис-заедницата во процесите на осовременување на студиските програми и креирање нови студиски програми во согласност со потребите на пазарот на трудот.
Меморандумот за соработка предвидува и развој на форми на доквалификација и преквалификација за потребите на бизнис–секторот; заедничко учество и признавање на добиените крајни вредности од работилници, стручни семинари, конференции, трибини, форумски дебати и обуки; помагање преку специјализиран тренинг и едукација во областите: здравство, образование, право, финансии, банкарство, менаџмент, претприемаштво, ИТ, нови технологии и др.; заедничка партиципација во проекти финансирани од земјите членки на Европската Унија, како и користењето на останатите меѓународни фондови за развој на земјите од Западен Балкан; континуирано создавање креативна интелигенција која ќе биде водич или стимулатор за секој поединец во функција на креирање на успех.