Гевгелија го потврди негативното мислење за издавање концесија за детални геолошки истражувања за металични минерални суровини на планината Кожуф, за месноста „Матушница-Исток“.
На денешната седница, советниците на гевгелискиот совет едногласно изгласаа против геолошки истражувања на територијата на нивната општина. Револтирани поради барањата за нови концесии во југоистокот, активистите на „Спас за Гевгелија“ се собраа пред општинската зграда и им дадоа поддршка на советниците да гласаат против рудници.
Негативно мислење дала и општина Кавадарци, од каде велат дека главна причина е што истражувањата би требало да се прават во близина на извориштето „Лукар“ од каде што се снабдуваат со вода Кавадарци, Росоман и Неготино.
Мислење за издавање концесија од двете општини бара министерството за економија, кое е задолжено за издавање на концесии.
Во април гевгеличани на референдум се изјаснија против отворање на рудници на планината Кожуф.