Владата презема обврска да сместиме околу 450 лица од Авганистан. Тие нема да бидат сместувани во никакви кампови, во никакви прифатни центри, ниту во Табановце, ниту во Гевгелија, ниту во центар за странци, едноставно тие ќе бидат сместени во хотели и во мотели, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за ТВ 21.
Нивниот престој, појасни, ќе го плати организацијата која ги носи, или за која работеле. Тие ќе бидат сместени во мотели, а државата, како што рече, ќе обезбеди целосна општествена поддршка, односно лекарски прегледи и се друго што ќе биде потребно.
– Владата ги задолжи МВР и Агенцијата за национална безбедност да ги спроведеме постапките што ќе значат добивање на виза за да можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија овие лица. Ние ги очекуваме податоците, списоците за лицата кои ќе пристигнат, имаме за шест лица потврда, имаме за 180 лица кои се подготвуваат за кои се уште немаме точен датум или временси период во кој ќе пристигнат да ги провериме соодветно. Во тој момент кога ќе пристигнуваат ќе се завршат проверките и тие лица ќе дојдат и бидат сместени во хотелите, рече Спасовски.
Со оглед на тоа дека овие лица работеле за САД, како и за меѓународни организации, додава Спасовски, секако тоа се лица кои биле проверувани од безбедносен апсект. Но, вели, ние тоа што е наша обврска го работиме заеднички.
– Тука не станува збор за никакви милитанти, екстремисти кои доаѓаат, туку граѓани, цивили, високообразовани, луѓе кои се залагале за човекови права. Ќе бидат тука одреден временски период и после тоа заминуваат или во САД или во некоја друга држава каде што им се обезбедува можност за престој, наведе Спасовски.