Околу илјада хектари плодно земјоделско земјиште во Кочанската котлина наместо да се засеат со ориз, ќе останат необработени. Тоа е скоро една третина од вкупно планираните површини за сеидба со главната земјоделска култура во регионот, што според сегашните откупни цени на белиот ориз, ќе значи чиста загуба од половина милион евра.
Иако, овогодишната сеидба е во завршна фаза, пресметките на земјоделците, кои споредувајќи ги производните трошоци со остварениот приход, покажале дека одгледувањето ориз им носи чиста загуба.
– Производството на ориз е чиста катастрофа затоа што откупната цена за килограм арпа е 13 денари, а за белиот добиваме до 35 денари. Неисплатливо е да се сее, па оваа сезона и јас и другите земјоделци од моето село не ни помислуваме да се занимаваме со производство на ориз, вели Коце Николов, земјоделец од Уларци.
Покрај ниските откупни цени за оризот, проблем за земјоделците се и високите трошоци за заштитните препарати и ѓубривата.
– Со овие цени на репроматеријалите не можеме да се вклопиме во калкулацијата и да остане барем и минимална заработувачка. Во идеални услови кога би добил и 600 килограми оризова арпа од декар, со откупната цена од 13 денари и пченица да произведувам е неисплатливо, а не ориз. Нека мислат тие што треба да го преработуваат и извезуваат, рече Илчо Стоилов, земјоделец од Облешево.
Проценки на земјоделците се дека во кочанскиот регион веќе со години не се сее ориз на над 10 отсто од земјиштето со прва категорија. Нивите се запустени и обраснати во плевел, поради што скапо и тешко ќе биде нивното повторно ставање во функција.
Дел од земјоделците веќе се преориентирале на пипер, грав и други земјоделски култури чие производство има економска оправданост и им носи некаков приход. Со цените на оризот што се актуелни на пазарот, велат дека реално е да се очекува да расте бројот на нивите што ќе се претвораат во угар и мочуришта.
МИА