Мора да се вложува со истражувања и развој за да се искористат потенцијалите на македонското стопанство, порача претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, при учеството на 13. Меѓународен симпозиум за корпоративно управување „Дигитална економија – двигател на економскиот раст“, што во изминатите два дена се одржа во Босна и Херцеговина.
Азески се обрати на панелот посветен на прашањата за инвестициските политики на земјите во развојот на дигиталната ера, со презентација на моделите и стратегиите за забрзан развој на малите земји преку примерот на Македонија.
Дискусијата се фокусираше на прашањата за институционалната политика на земјите во развој во процесот на дигиталната ера, во услови кога економскиот раст и развој на една земја најмногу зависат од пазарната ефикасност, технолошката опременост, високото образование и обуката на вработените.
– Македонија треба итно да ја зајакне основата на својата индустрија со цел да се овозможи одржлив раст на вкупната економија, создавање повисоки вредности на економските активности, а својата иднина треба да ја гради врз ефикасноста на технолошката опременост и пазарната ефикасност, за што главен предуслов се инвестициите, рече Азески.
Тој потенцираше дека успешноста во справување со предизвиците во остварување на развојните проекции и искористување на потенцијалните можности на македонското стопанство, во значаен дел, зависи од вложувањата во истражување и развој, како и од примената на иновации и нови технологии.
Во Македонија, наведе Азески, постојат повеќе иницијативи кои во моментов се реализираат и кои имаат за цел да ги поддржат бизнисите во остварувањето на забрзан технолошки развој и воведување иновации. Целта на талвата поддршка е создавање нови работни места, економски раст и развој, како и подобрување на бизнис-климата преку развој на конкурентските способности на компаниите.
– Стопанската комора на Македонија и понатаму активно ќе биде вклучена во имплементирање на современите технолошки решенија, следејќи ги глобалните трендови од една страна, но и барањата и потребите на компаниите, од друга страна, истакна Азески. (МИА)