Како еден од приоритетите ќе се потрудиме да обезбедиме нај современа противпожарна опрема и возила и да обезбедиме обука за млади волонтери-пожарникари, вели Александар Китански кој во интервјуто за Курир говори и за пожарите кои на почеток на месецов го зафатија малешевско-пијанечкиот крај каде според првичните проценки огнената стихија изгореа големи површини на црн бор, дрвја стари помеѓу 50 и 70 години.
КУРИР: Кој беше мотивот да се трча градоначалничката трка?
-Мотивот за да се кандидирам за градоначалник на Општина Пехчево произлезе од моите сограѓани. Бидејќи работам како доктор по ветеринарна медицина секојдневно сум на терен и ги согледувам и живеам со проблемите на моите согрѓани, па затоа сметав дека можам и треба да им помогнам за решавање на истите. Исто така сум и член на Советот на општината каде директно и одблиску ја следев работата на локалната власт па од тука мислам дека можеме да ги покренеме работите на подобро со чесна и одговорна работа и да ја направиме нашата општина подобро место за живеење за сите луѓе.
КУРИР: Што вели скенирањето на теренот, од каде треба да се почне со работа?
-Според моето скромно мислење и мислењето на луѓето со кои секојдневно се среќавам од сточари, земјоделци, луѓето од бизнис секторот, пензионери, администрација па и обичниот граѓанин во нашата општина треба да се почне буквално во сите области бидејќи во последните 4 години локална власт се ветуваше многу а се направи многу малку.
КУРИР: Неодамна овој крај беше зафатен и од пожарите колкава е штетатат, што велат првичните проценки?
-Да, Малешевско – Пијанечкиот крај беше зафатен од страшен 7-дневен пожар од кој штетите допрва ќе се утврдуваат. Според првичните проценки огнената стихија изгореа големи површини на црн бор, дрвја стари помеѓу 50 и 70 години. Беше изгорена и ниско стебелеста шума и помали делови со даб и смрека. Во пожарот настрадаа и земјоделски посеви, овошни насади и неколку пчеларници со поголем број на пчелни семејства. Штетите се големи бидејќи изгореа и голем број на пасишта што предизвика голем проблем за одгледувачите на крупен и ситен добиток.
КУРИР: Што се планирате како проекти за вашиот градоначалнички мандат?
-Пред се да се биде градоначалник на една општина е голема одговорност и ќе ми биде чест да работам во служба на моите сограѓани за да ја направиме Општина Пехчево подобро и помодерно место за живеење. Најпрво ќе се посветиме на решавање на горливите инфраструктурни проблеми како реконструкција на локалните патишта што ги поврзуваат околните населени места, улиците во градот и во селата. Ќе ја подигнеме хигиенета во општината на повисоко ниво со расчистување на дивите депонии и одржување на зеленилото. Ќе се регулира водоводната и канализациона мрежа на ниво на општина. Како локална власт ќе се трудиме да ги потикнеме малите и средни претпријатија да го зголемуваат својот обем со цел да обезбедат повеќе работни места за да се спречи иселувањето на младите. Ќе го промовираме Пехчево како прекрасна дестинација за планински туризам. Како еден од приоритетите ќе се потрудиме да обезбедиме нај современа противпожарна опрема и возила и да обезбедиме обука за млади волонтери-пожарникари. Тоа е само дел од приоритетните проекти кои ќе се најдат во мојата програма за 4- годишниот мандат. Има да се кажува и пишува уште многу, но ќе оставиме и дел да го видат граѓаните во претстојната кампања.
КУРИР: Кои се начелата кои ќе ви бидат водилка во текот на работата?
-Начелата според кои се водам цел живот и со кои ќе се водам и во целата кампања и во мојот градоначалнички мандат доколку граѓаните ми ја дадат нивната доверба се чесност, работливост, транспарентност и отвореност спрема сите луѓе без разлика на нивната политичка и верска определба.