Не е лесно да се одржи бракот на долга стаза, особено кога сопружните постојано се со безброј деловни обврски и грижа околу децата. Тоа важи и за познатите парови како Дејвид Бекам и неговата сопруга, поранешната „Спајс“ девојка и модна дизајнерка Викторија Бекам, кои се во брак веќе 21 година.
Од таа причина, за да имаат време за себе и својата врска, Дејвид одлучи да направи сериозен чекор – на Викторија ѝ забранил во вечерните часови да го користи мобилниот телефон и да ги прегледува социјалните мрежи, бидејќи тоа време сака да го помине само со неа, без никакви пречки.
За да може со сопругата да поминува квалитетно време и да ја одржи блискоста и „љубовниот жар“, Дејвид неодамна децата ги остави дома и ја однесе Викторија на одмор од седум дена, каде повторно се зближија. Поранешниот фудбалер се надева дека почесто ќе има такви моменти со неа, кога ќе почне да се применува неговата забрана, откри извор близок на семејството Бекам.
„Тој навистина често чувствува дека Викторија поминува премногу време на телефонот. Затоа ѝ кажа дека сака ноќи без телефони, таблети и компјутери. Смета дека тоа ќе биде најдобро за целото семејство“ – посочи изворот.
Како ќе ја поднесе ова забрана е прашање, тврди изворот, но објаснува дека на Викторија ѝ било многу драго што Дејвид ја изненадил со одмор во луксузен велнес центар, без деца. За тоа наводно долго сонувала и одморот го нарекла своја „најголема фантазија“.
„Одлучија дека отсега ќе имаат време за себе и ќе побегнат на одмор без деца барем два пати во годината. Дејвид е тотално воодушевен со таа идеја“ – заклучи изворот.