Денешниот празничен ден во кој се одбележуваат 30 години независност на Македонија, започна со оддавање почит и положување цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски.
Владата денеска во оддавањето почит го прескокна Никола Кљусев првиот премиер на првата експертска Влада на Република Македонија во периодот од 1991-1992 година кој одигра значајна улога во воспоставувањето на независноста и сувереноста на македонската држава. Во текот на неговиот мандат, била воведена македонската валута и се формирала Армијата на Репблика Македонија.
Од Владата и од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски соопштија дека со положување венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски и со оддавање почит за нивниот значаен придонес во воспоставувањето на самостојната државност на нашата земја, започнале програмските содржини со кои граѓаните на Македонија ја празнуваат и одбележуваат 30-годишнината од независноста.
Според објавите на социјалните мрежи и официјалните соопштенија, досега само кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Данела Арсовска и делегација на партијата му оддадоа почит и положија цвеќе на вечното почивалиште на првиот премиер Кљусев.
Како што е најавено, по повод трите децении независност Пендаровски денеска со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.