Оставките за случајот со пожарот во тетовската модуларна болница беа понудени од Филипче и останатите и затоа требаше да бидат прифатени веднаш поради морална одговорност. Зошто Заев би ја чекал истрагата за да види дали ќе прифати оставка која е понудена заради морална одговорност, а не кривична, вели аналитичарот Владимир Божиновски за Анализа на 24 ТВ додавајќи дека не може Заев да чека одлука на судската власт за морална одговорност.
Божиновски истакна дека мора да се разликува нешто што се нарекува морална, политичка и кривична одговорност, а истрагата ќе покаже дали има кривична и каде е кривичната одговорност, за тоа што се случи во Тетово.
– Ние гледаме дека иако на некој начин се изнудија некои понуди за оставки, а не неотповикливи оставки, Заев калкулира. Вели дека ќе ја чека истрагата до следната недела. Како може ти како премиер носител на извршна власт да чекаш нешто што е во надлежност на судската власт, како можеш да знаеш. Тоа е директно мешање на една во друга власт и тоа е сериозен проблем. Се добива впечаток дека Заев ќе се обиде да одложува што е можно повеќе да го искористи Филипче кој беше главен адут за претстојната кампања за локалните избори. Но, како се движат работите изгледа дека многу повеќе ќе изгубат со овие манипулации и шпекулации, отколку едноставно да беше прифатена веднаш оставката, потенцираше Божиновски.
Тој нагласи дека случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово ќе има влијание на изборите не само во Тетово, туку и во целата држава, многу е важно кој ќе понесе одговорности зависи што ќе се случува во кампањата и тоа ќе се рефлектира во поддршката за вториот круг.