Ние како партија првенствено инсистираме да се констатираат оставките на министерот Филипче и заменик министер за здравство, Илир Хасани. Тие двајца веќе ги поднесоа оставки и тука нема што да се преиспува и дискутира, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Тој во емисијата „10 минути“ на телевизија Тв21 истакна дека со тоа што власта и парламентарното мнозинство сеуште не ги констатираат нивните оставки се губи кредибилитетот и довербата на граѓаните во целата институција Министертво за здравство и во целиот здравствен систем.
Додека во однос на тоа што премиерот Зоран Заев и целокупната Влада не сакаат да дадат оставка од морални причини поради пожатот во модуларната ковид болница во Тетово, каде што животот го загубија 14 лица, остава на премиерот да одлучи каква е неговата репутација и грижа на совест.
-Се губи довербата во цела институција Министерство за здравство, доколку овие двајца луѓе не бидат разрешени, и продолжат да дејствуваат и како министер и како заменик министер во оствака. Владата дали ќе поднесе морална одговорност или не чуствува морална одговорност, тоа е нивна работа, ние го кажавме нашето мислење, но сепак нека си одлучи премиерот каква е неговата репутација и грижа на совест во овој случај. Но, на министерот за здравство, сметаме дека, неодложно треба да му биде констатирана оставката за да може министерството да функционира со легитимно раководство кое што ќе го добие мандатот. На ваков начин само се нарушува довербата во здравствениот систем, а гледаме дека и ризиците стануваат се поголеми, истакна Милошоски.
Во однос на тоа дека Заев ги чека првин резултатите од истрагата во модуларната болница за да одлучи по оставките на министерот Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани, Милошоски вели дека премиерот или не знае или манипулира со граѓаните, за прифаќање оставка од морални причини, впрочем какви што се и нивните оставки, не треба да се чекаат резултати од истрага, затоа што тоа веќе спаѓа под делот на субјективна одговорност каде што ако се покаже вина се носи и кривична одговорност.
-Господинот Заев или се прави дека не знае или манипулира со граѓаните. Постои субјективна и морална одговорност. Оставката на министерот Филипче е објективна одговорност која што треба да се констатира, затоа што се случи голема здравствена и човечка катастрофа во неговиот ресор. За субјективната одговорност, дали тој има некаква кривична одговорност по однос на изградбата на модуларните болници или можеби некој друг има таква одговорност, тоа си е дел на истрагата. Затоа сметам дека оставките не треба да се врзуваат со истрагата, истакна претаникот Милошоски.