среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Интервју со Спасе Кочовски: Ќе ја подобриме инфраструктурата за пристап до земјоделското земјиште и ќе ја збогатиме туристичката понуда во Вевчани

Вевчани е една од најпознатите и најатрактивни туристички места во Македонија, затоа равојот на туризмот мора да биде една од главните точки на кои ќе се работи во иднина. Развојот на оваа гранка мора да продолжи со активни и ефективни проекти преку вклучување на сите чинители на туристичката понуда заради нејзино надополнување и збогатување, а создавање на предулови за развој на активен туризам е еден од нашите приоритети, ова во интервју за КУРИР го вели кандидатот за градоначалник на општина Вевчани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Спасе Кочовски.
Интервју со Спасе Кочовски: Ќе ја подобриме инфраструктурата за пристап до земјоделското земјиште и ќе ја збогатиме туристичката понуда во Вевчани

Колку проекти се планирани за вашата општина?

Нашата програма нуди голем број на проекти и решенија за Вевчани, односно 90 и сите проекти наведени во програмата се реални, остварливи и многу значајни за нашата општина. Многу од проектите ќе бидат решение на секојдневните проблеми на вевчанци, но, исто така има и многу проекти кои значајно ќе придонесат за развојот на Вевчани.

Затоа, во програмата се содржани проекти за развој на економијата, туризмот, културата, спортот, образованието, дигитализацијата, инфраструктурата и многу други проекти со кои во иднина ќе има вистински развој на општина Вевчани.

Колку и кои проекти ќе бидат први на листата за реализација во вашата општина?

Ние тимски ги анализиравме и разгледавме проблемите во нашата општина, така што издвоивме 12 проекти кои се од круцијално значење и кои ќе ни бидат приоритет за реализација.

Од голема важност за жителите на Вевчани е реконструкција (бетонирање) на главните канали за наводнување, но и подобрување на инфраструктурата за пристап до земјоделското земјиште, бидејќи нашата општина изобилува со обработлива почва на овој начин би се олесниле земјоделските активности, но, и би се зголемил интересот за земјоделство и производство на храна.

Следен проект со приоритет е донесување на нов урбанистички план, а негова цел е создавање на услови за изградба на нови домови, но, и за зголемување на локалниот економски развој на општината.

Вевчани е една од најпознатите и најатрактивни туристички места во Македонија, затоа равојот на туризмот мора да биде една од главните точки на кои ќе се работи во иднина. Развојот на оваа гранка мора да продолжи со активни и ефективни проекти преку вклучување на сите чинители на туристичката понуда заради нејзино надополнување и збогатување, а создавање на предулови за развој на активен туризам е еден од нашите приоритети. Со цел збогатување на туристичката понуда во нашите главни проекти е предвидена реконструкција на споменик на природата  „Вевчански извори“, како и уредување на излетничкото место „Јанков камен’’.

Во нашата општина годишно има неколку културни манифестации, затоа развојот на културата ни е многу значаен приоритет, за што се предвидува програма за финансирање на проекти од локален интерес во културата, целта на програмата е финансирање на проекти преку јавен конкурс, а општината е задолжена за обезбедување на средствата.

Со цел враќање на спортскиот дух во Вевчани максимално ќе работиме на развојот на спортот, преку изградба на повеќенаменско игралиште, развој на клупските спортови и училишниот спорт.

Новитет, и еден од главните проекти кои ќе се реализираат и е СИСТЕМ 48, што всушност е информатички систем преку кој граѓаните електронски ќе можат да пријават комунален проблем, а општината ќе има обврска во рок од 48 часа да одговори на примената пријава, така што овој систем ќе овозможи ефикасно решавање на проблемите од комунална природа, за кои е надлежна општината.

Бидејќи, приоритет на ВМРО-ДПМНЕ се ниски и рамни даноци, општина Вевчани нема да ги зголемува даноците, а со одлука на совет ќе ја намалиме висината на комуналната такса за користење на улиците за сите патнички возила.

Колку планирате да реализирате за време на 4 годишниот мандат?

Програмата која ја нудиме има за цел решавање на реалните проблеми и потреби на вевчанци, затоа сум уверен дека сите проекти содржани во програмата во целост ќе бидат реализирани во текот на наредните 4 години. Сепак, нашата цел е вистински развој на општината, така што во текот на работењето ќе се стремиме да вклучиме и оствариме и други проекти кои ќе придонесат за развојот на Вевчани.

Од кои начела ќе се водите при работата како градоначалник?

Мојот концепт е обединето Вевчани, и Вевчани за сите луѓе, без разлика на партискатаприпадност. Време е да покажеме дека градоначалничката функција никако не смее да биде политичка и да претставува извор на делби и поделби. Напротив, таа треба да се извршува професионално и еднакво за сите луѓе.

Оттука ветувам дека поделби по која било основа нема да има. Ќе го слушам секоја еден проблем на секој еден човек, и во рамките на надлежностите заеднички ќе го изнаоѓаме решението. Нема нерешлив проблем! Потребно е решавање на сите таканаречени „мали проблеми”. Потребно е решавање на сите реални проблеми за кои локалната самоуправа всушност и, постои. Ветувам дека во работењето секогаш ќе работам законски, независно, непристрасно, етички, одговорно и транспарентно, односно во ниту еден момент нема да бидат доведени во прашање интегритетот и угледот на општина Вевчани.

Време е да ја вратиме општината на граѓаните. Затоа ќе работиме на креирање средина во која граѓаните ќе бидат активно вкучени во процесот на донесување одлуки. Граѓаните ќе бидат главни двигатели на промените и локалниот развој.

Од Вевчани да направиме место каде што градоначалникот е во служба на секој граѓанин, а не власт. Заедно со општинската администрација, со Советот и со граѓаните посветено ќе работиме за надминување на предизвиците на новото време.