Крива Паланка четири години има локална власт на лажни ветувања, безнадежност и апатија. Имавме градоначалник кој ја задолжи општината со околу 2 милиони евра, а сега неговиот внук се стреми кон уште поголеми задолжувања, изјави кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Крива Паланка, Александар Рангелов кој порача дека тука крајот на водењето на општината како фамилијарен бизнис на СДСМ и дека започнуваат промените.
Рангелов истакна дека на 17 октомври наместо граѓаните на Крива Паланка ќе кажат доста е на расипништвото и ќе изберат промени, ќе изберат проекти кои значат еднакви можности за младите и сите граѓани, но и европска општина, а тоа го гарантира со неговгата програма која опфаќа над 150 проекти.
Тоа се проекти од областа на инфраструктурата, туризмот, образованието, културата, спортот. Но, наш приоритет е гасификација на Крива Паланка со која евтиниот, еколошки и природен гас ќе биде достапен за граѓаните и компаниите. Ветуваме и бесплатен приклучок на гас до секое домаќинство со што ќе останат повеќе пари во семејниот буџет, училиштата ќе заштедат висок процент од буџетот кој го добиваат и средствата ќе бидат искористени за нивно осовременување, изјави Рангелов.
Тој додаде дека започнатата сала кај мотел Македонија, ќе ја пренамени во затворен градски базен со цел подобрување на квалитетот на образованието преку развој на пливањето како спорт, додека повеќе општински објекти по европски стандарди ќе се пренаменат во домови за стари лица, а за младите брачни парови ќе се изгради и станбен објект.
– Ќе го реконструираме градскиот пазар, кој повеќепати во неделата ќе биде достапен за граѓаните, затоа што трудот и маката на земјоделецот мора да се исплати. Ќе го развиеме туризмот на локалитетот Калин Камен. Ова ќе значи почеток на планинскиот туризам на кривопаланечкиот дел на Осоговието, а тоа ќе иницира изградба на угостителски објекти, сместувачки капацитети и ресторани. Ќе инвестираме и во образованието, мора да има модерна инфраструктура и современи услови за учење за сите ученици бидејќи тие се нашата иднина, изјави Рангелов.
Рангелов во својата програма има и решение за проблемот со паркирање и ќе ја прошири главната улица со трета лента.
– Ќе го доизградиме главниот фекален колектор по фази и ќе ја докомплетираме техничката документација за пречистителна станица. Ќе направиме целосна реконструкција на градскиот базен со поставување на дополнителни содржини. Ќе доделуваме општински спортски и велосипедски ваучери за ученици и млади, а предност ќе им биде дадена на социјално ранливи категории. Ќе ги финансираме сите општински клубови. Еднократна парична помош за секое новородено дете. Ќе ги решиме проблемите со водоснабдување во населените места. Ќе изградиме детски катчиња и игралишта во сите населени места. Ќе изградиме каскадна галерија кај влевот на Дурачка Река во Крива Река, изјави Рангелов.
Тој посочи дека ова се само дел од проектите кои ги содржи неговата изборна програма и дека тоа се проекти кои сериозно ќе го променат животот во општината и ќе се залага за силна локална економија и младина која ќе остане да живее и создава тука во Крива Паланка.