Македонската асоцијација на новинари МАН не е изненадена од односот на членовите на една политичка партија кои во текот на повеќе денови, а особено вчера, масовно го кршења изборниот молк, вршеа поткуп на избирачи и насилство врз новинарски екипи.
МАН го повикува јавното обвинителство да ги заштити новинарските екипи по јавно објавени видео материјали и информациите за делење изборен поткуп, кршење на изборниот молк и насилството од членовите на една политичка партија врз новинарски екипи.
-Го повикуваме јавното обвинителство во најкус можен рок да поведе соодветна постапка против насилниците врз новинарските екипи, членови на една политичка партија, кои се прекршители на изборниот молк и кои делеа поткуп.
Истовремено, ги известуваме набљудувачите на ОБСЕ, како и дипломатските преставништва во земјава, дека новинарските екипи на терен забележаа и јавно објавија извештаи за кршење на предизборен молк, поткуп на гласачи од членови на една политичка партија, за што беа физички нападнати, им беше скршена опрема, добија закани, навреди и сето тоа под закрила на една политичка партија и полицијата.
-Бараме да се изврши влијание врз обвинителството да го спречи насилството врз новинарите со постапување против насилниците и бараме да се изврши влијание врз политичката партија која спроведува насилство врз новинарите, за истото да престане.
Медиумите мораат да известуваат објективно и непристрасно за изборниот процес, а не да работат под постојан страв и закани за нивната сигурност и објективност.