Околу 90 лица евидентирани во избирачкиот список, од делчевското село Нов Истевник, денеска гласаат за избор на локална власт на невообичаено место – приватна фарма за магариња, објави Канал 5.
Објектот до 1985 година бил училиште, но бидејќи нема доволно ученици, сега е приватен објект кој за изборите се користи како гласачко место, во недостиг од други гласачки места.
Во селото Нов Истевник има околу 120 куќи, а гласањето се одвива во предниот дел од објектот. До 13 часот во ова избирачко место имало над 30 проценти излезност.
Канал 5 објави дека и во ова изборно место, гласачите се соочувале со проблеми со апаратите за отчитување на отпечатоците на прст, наводно поради тоа што мештаните се занимавале со работа со ореви и прстите им биле валкани. На ова избирачко место и порано се гласало на избори.