вторник, 30. јануари 2024. Вести денес: 0
home Општини

Димитар Узунски испратен на вечното почивалиште во Тработивише, во негова чест подготвена Спомен соба

Димитар Узунски испратен на вечното почивалиште во Тработивише, во негова чест подготвена Спомен соба

Делчево денеска се прости од Димитар Узунски, eден од најголемите промотори на Пијанечкото-фолклорно богаство и најзаслужните за впишувањето на орото „Копачка“ на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наслество. По испраќањето во неговото вечно почивалиште во село Тработивиште, културните работници, членовите на фолкорната група „Копачка“, неговите сожители и првите луѓе на општината со пиетет зборуваа за сето она, што тој го остави како културно наследство за идните генерации.
Методи Толевски, директор на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков – Вапцаров“, алудирајки на творештвото на Узунски, посочи дека тој е личност која не верува дека ќе се роди во наредните сто години.

-Што да се каже за Димитар Узунски, за него треба да се зборува со денови и денови. Тој е личност која не верувам дека ќе се роди во наредните, 20, 30, 50 или 100 години. Тоа е човек кој работеше со голема љубов и ентузијазам кон учителството и културата. Мене како учител, ми предаваше од 6 до 8 одделение, беше најдобриот учител, а во културата ќе го паметам како највреден работник, еден од иницијаторите и основач на Голачките фолкорни средби, За „Копачката“ да не зборуваме, тука е и учеството на безброј фестивали меѓу кои „Пеце Атанасовски“ од Долнени, рече Толевски.

Додаде дека е многу тешко во неколку реченици да се опише неговата работа, посочувајќи дека Узунски, кој секогаш бил добредојден во Центарот за култура, треба да биде „репер“, не само во културата, туку и во образованието, како пример за културните работници, кои треба да се стремат да постигнат барем мал дел од она што тој го направил за културата, за што сведочат многубројните домашни и меѓународни награди.
Од оние кои имаа што да кажат за животот и делото на големиот фолклорист беше и афористичарот Миле Ѓорѓијоски кој како роден Кичевец, во Делчево твори од 80-тите години од минатиот век, од кога другарува со „учителот“ од Тработивиште за кој рече дека 24 часа во денот бил посветен на она што најмногу го сакал, а тоа е народното творештво.

-За мојата среќа, со Узунски се познавам уште од првите денови кога сум во Делчево, односно од 80-тите години од минатиот век. Ние бевме другари пријатели, соработници во Радио Делчево, тој ја работеше култната емисија од фолклорното богатство на Пијанец, јас ја работев тогаш хумористичната емисија и го паметам како човек кој себе се вложуваше 24 часа, беше ангажиран на онаа работа што знаеше мајсторски да ја работи, рече Ѓорѓијоски.

Нивната последна средба, како што додаде, била пред неколку недели кај него дома на кафе, на која Узунски со голема радост и занес му раскажувал за собата што се подготвува во негова чест. Според афористичарот ќе бидат потребни стотици соби, за да се распостеле „богатството“ што Узунски успеал да го сочува и заштити од забот на времето.

-Тработивиште, Делчево, регионот, Македонија, па и пошироко треба да се навистина благодарни, што имаа еден таков човек кој голем дел од нашето национално богаство го остави и зачува за идните генерации. Јас се надевам дека ние ќе имаме доблест да ја продолжиме неговата работа, да го сочуваме она што тој го откина од забот на времето. Димитар Узунски денес физички не напушти, но Димитар Узунски ќе живее се додека живее Македонија, се додека има луѓе на овие простори, тој ќе е заштитен знак на големото Национално фолклорно богатство на Македонија, додаде Ѓорѓијоски.

Од Фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, Делчево во својство на носители на нематеријалното фолклорно добро „Копачката“ и негови наследници му ја оддадоа последната почит, а како што истакна секретарот на Здружението, Перса Стојановска она што ќе остане да говори за големината на Претседателот на Копачка е неговата Спомен соба која како идеја се реализира со финансиската поддршка од Министерството за култура и Општината Делчево.

-Во Собата за културното наследство на Пијанец-Соба на Димитар Узунски која што се наоѓа во неговата родна куќа позади мене, ќе бидат поместени неговата истражувачка дејност од неговите тетратки до неговите изданија на монографии, до неговите диоломи благодарници и награди во хартиена форма, ќе ставиме информативна табла, сето тоа е подготвено, интересно дрво направивме на неговата дејност, многу се радуваше да го дочека уредувањето на Собата кое беше договорено за саботата што помина, но во текот на неделата неговата здравствена состојба се влоши и тој еве не напушти. Нека почива во мир, рече Стојановска.

За градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој присуствуваше на испраќањето на Узунски, Пијанечкиот Цепенков зад себе остави илјадници народни умотворби од Пијанечко, изворни факти за опстојувањето на уникатното оро „Копачка“ кое под негово раководство се запиша во УНЕСКО, над 400 емисии од Фолклорното богатство од Пијанец за локалното Радио Делчево и десетици аудио и видеозаписи за МТВ, што само по себе говори колкава е неговата важност за нашата држава.

Димитар Узунски е роден на 22.09.1938 година во село Тработивиште, општина Делчево. Завршил Педагошка академија група музичко воспитување во Скопје. Над 50 години ја раководи Фолкорната група „Копачка“ с. Драмче и со неа има бројни настапи во земјата и странство како пејач, организатор, инструменталист и играорец. Членовите на „Копачка“ со гордост се сеќаваат на неговите зборови кога го предавал архивскиот материјал за негова национална и светска заштита во Министерството за култура, кога рекол : „Ви го давам срцето“.

Узунски во текот на својот работен век беше надворешен соработник на Институтот за фолклор на Р. Македонија и до длабока старост се занимаваше со собирачка активност. За МТВ имаше учествувано во повеќе емисии, а за радио Скопје снимил 40 изворни пијанечки народни песни. За програмата на Радио Телевизија Делчево, за 12 години има подготвено над 400 емисии, за серијата емисии „Од фолкорното богатство на нашето поднебје“. Има објавено три монографии: „Разловци“; „Дедо Митко- ороводецот на Копачката“ и „Копачката, чекор по чекор до УНЕСКО- мојот живот со Копачката“.

Меѓу најпознатите награди и признанија со кои се стекнал од ЗФГ „Копачка“ ги издвоија наградите за „Особено истакнат педагошки работник“-1980, Гран при од ФИИП „Пеце Атанасовски“ 2011, Плакета за животно дело од Градоначалникот на општина Делчево, по повод „100-години град Делчево“, Државна награда за народен уметник, 23-Октомври во 2014 година, како и наградата за „Најдобар културен работник на Источна Македонија“.

Во својата последна порака до својот учител, членовите на „Копачка“ истакнаа дека засекогаш ќе остане во срцата на сите носители на нематеријалното светско културно наследство орото „Копачката“, а во знак на завет длабоко му се поклонија и му ја оддадоа последната почит