среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

Утре се празнува Светиот апостол Филип

Утре се празнува Светиот апостол Филип

Според Календарот на МПЦ утре се празнува Светиот апостол Филип.

Роден е во Витсаида крај езерото Галилејско, како Петар и Андреј. Од малечок научен на Светото Писмо, Филип веднаш се одѕва на повикот на Господ Исус и тргна по Него (Јован 1, 43). После слегувањето на Светиот Дух Филип ревносно го проповедаше Евангелието во многу краишта на Азија и Грција. Во Грција Евреите сакаа да го убијат, но со Своите моќни чуда Господ го спаси. Така еврејскиот архиереј којшто се устреми да го бие одеднаш ослепе и сиот поцрне. И имаше силен земјотрес и земјата се отвори и ги проголта злобните гонители на Филип. И многу други чуда се извршија, особено исцеленија на болни, заради што мнозина незнабожци поверуваа во Христа. Во Фригискиот град Јерапол Св. Филип се најде на заедничка работа со Св. Јован Богослов, со својата сестра Маријамна и апостолот Вартоломеј. Таму имаше некоја опасна змија, којашто незнабожците грижливо ја хранеа и ѝ се поклонуваа како на Бог. Божјите апостоли со молитва ја умртвија оваа змија. Со тоа врз себе го навлекоа гневот на помрачените луѓе. Озлобените незнабожци го фатија Филип и го распнаа на дрво главечки, потоа го распнаа и Вартоломеј. Тогаш земјата се отвори и го проголта судијата и мнозина други со него. Во голем страв луѓето притрчаа да ги симнат апостолите. Но успеаја да го симнат жив само Вартоломеј, Филип веќе беше издивнал. На крстените Вартоломеј им го постави за епископ Стахиј, когошто претходно тој и Филип го исцелија од слепило и го крстија. Стахиј беше слеп четириесет години. Подоцна моштите на Св. Филип се пренесени во Рим. Овој прекрасен апостол пострада во 86 година, во времето на царот Дометијан.

Свети Григориј Палама, архиепископ Солунски

Татко му на Григориј беше висок чиновник на дворецот на царот Андроник II Палеолог. Откако надарениот Григориј ги изучи светските науки не сакаше да се зафати со служба на дворецот, но замина на Света Гора и се замонаши. Се подвизуваше во Ватопед и во Лаврата. Водеше борба со еретикот Варлам и најпосле го победи. Беше посветен за митрополит Солунски во 1347 година. Се прослави и како подвижник и како богослов, и како јерарх и како чудотворец. Му се јавуваа наизменично: Пресвета Богородица, Св. Јован Богослов, Св. Димитриј, Св. Антониј Велики, Св. Јован Златоуст, ангелите Божји. Со солунската Црква управуваше тринаесет години, од кои една година беше во ропство кај Сарацените во Азија. Се упокои мирно во 1360 година. Моштите му почиваат во Солун, во прекрасната црква што му е посветена.

Тропар
Светилнику на Православието, тврдино на Црквата и учителу! Убавино на монасите, непобедлив поборнику на богословите! Чудотворче Григорие, славо Светогорска, и проповеднику на благодатта, моли Го Бога непрестајно да ги спаси душите наши.

Кондак
На Премудроста свештен и Божествен органу, на Богословието светла согласна труба, те воспеваме, Григорие Богоговорнику, но, бидејќи со умот стоиш пред Првиот Ум, кон Него нашиот ум, оче, води го, да повикуваме: Радувај се, проповеднику на благодатта.

Светиот цар Јустинијан

По потекло е Македонец од околината на Скопје. Словенското име му е Управда. Го наследи на престолот својот чичко Јустин. Големината на овој цар е неразделно поврзана со неговата длабока православна вера. Веруваше и живееше според верата. За време на Чесниот Пост не јадеше леб и не пиеше вино, а се хранеше со зелје и пиеше вода секој втор ден. Завојува со дунавските варвари само затоа што ги кастрираа заробениците. Ова е еден од знаците на неговото човекољубие. Беше среќен и успешен во војните и во работата. Изгради голем број прекрасни храмови, од кои најубав меѓу најубавите е Света Софија во Цариград. Ги собра и ги издаде римските закони. Самиот издаваше многу строги закони против неморал и распусност. Ја состави црковната песна „Јединородни Сине и Слове Божји“, којашто од 536 година почна да се пее на литургија. Го свика Петтиот Вселенски Собор во 553 година. Се упокои мирно на 14 ноември 565 година во осумдесеттата година од својот живот и се пресели во Царството на небесниот Цар.