Во вечерашното издание на дебатната емисија “Топ тема” гостуваше членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје, проф.д-р Трајко Славевски кој зборуваше за моменталната политичка ситуација, економската криза, како и во однос на очекувањата во наредниот период и справувањето на државата со корона кризата.
Славески потенцираше дека несомнено граѓаните треба да се вакцинираат, иако го почитува ставот на одредена група на граѓани кои не сакаат да се вакцинираат. Тој додава дека вакцинацијата е важна поради тоа што само на таков начин ќе може побрзо да се излезе од катанците на короната и економијата да придвижи напред, односно да се решат економските проблеми во државата.
Славески истакна дека несомнено здравството во државата не е на нивото на кое треба да биде во борба со ваква ковид пандемија, односно дека Република Македонија беше неспремна за овој вирус и припремата траела премногу долго. Тој додаде дека голем број граѓани брзо го проширија вирусот, не по нивна волја, туку поради тоа што во моментот немаше вакцини и истите доцнеа. Според Славески, економијата многу загуби во тој период од ковид пандемијата, а со тоа и голем број на граѓани останаа без работни места.
– Пакетите кои беа предвидени за финансиска стимулација на стопанствениците беа задоцнети, односно не беа добро осмислени. Пакетите беа експресно изгласани со цел да се прикаже пред граѓаните дека Владата на некаков начин помага на стопанствениците, иако категоризацијата за поделба на истите беше нереална. Голем број на мали и средни претпријатија не ги издржаа тешките моменти и ги затворија капацитетите, додека пак оние поголеми претпријатија кои и претходно работеле добро, добија финансиска стимулација, иако не беа загрозени до тоа ниво како малите и средните бизниси, вели Славески.
Славески додаде дека следува можеби повторно тежок период и ново соочување со налетот на коронавирусот, но државата не смее да дозволи повторно да потфрли и да ги остави граѓаните сами на себе од секаков аспект.
– Доволно се научи во изминатите речиси две години и сега треба да се делува експресно и прецизно, заврши Славески.