Според Календарот на МПЦ утре се празнува Свети Амфилохиј Икониски.
Сонародник и пријател на Св. Василиј Велики и на другите големи светители од 4 век. Рано го остави светскиот метеж и се повлече во една пештера, каде што како отшелник проживеа во подвиг четириесет години. Тогаш се случи и се испразни епископската столица во Иконија и Амфилохиј на чудесен начин беше избран и посветен за епископ Икониски. Беше прекрасен пастир и голем бранител на чистата православна вера. Учествуваше на II Вселенски Собор во 381 година. Ревносно се бореше против злочестивиот Македониј и против аријанците и Евномиј. Лично го молеше царот Теодосиј Велики да ги протера аријанците од секој град во државата. Царот не му ја исполни желбата. По неколку дена повторно Амфилохиј му се јави на царот. Кога епископот беше воведен во одајата за прием, царот седеше на престолот, а од неговата десна страна неговиот син Аркадиј, когошто тој си го беше зел за соцар. Кога влезе Амфилохиј му се поклони на царот Теодосиј, а на Аркадиј, царскиот син, не се ни обѕрна, како и да го немаше овде. Царот Теодосиј многу се разгневи заради ова и нареди Амфилохиј веднаш да се избрка од дворецот. Тогаш светителот му рече на царот: „Гледаш ли, цару, како ти не го поднесуваш бесчестењето на твојот син; така и Бог Отецот не го трпи бесчестењето на Синот Свој, со ненавидност се одвраќа од оние коишто хулат на Него и се гневи на сите следбеници на онаа (Ариева) ерес“. Кога го слушна ова царот разбра зошто Амфилохиј не му оддаде почест на неговиот син и се восхити на неговата смелост и мудрост. Покрај многубројните дела и подвизи, Св. Амфилохиј напиша и неколку книги за верата. Се упокои во 395 година во длабока старост и се пресели во бесмртниот живот.
Свети Григориј, епископ Акрагантски
Роден е во Сицилија близу градот Акрагант, каде што подоцна беше епископ. Неговите родители, Харитон и Теодотија, беа благоверни. Сиот негов живот е проткаен со прекрасни Божји чуда. На чудесен начин отиде во Ерусалим, на чудесен начин беше избран за епископ, на чудесен начин се спаси од клевета. И самиот беше голем чудотворец, зашто беше голем угодник Божји, голем духовник и подвижник. Учествуваше на V Вселенски Собор во Цариград. После тешките искушенија се упокои мирно во почетокот на 7 век (или на крајот од 6 век).
Свети Александар Невски
Син на кнезот Јарослав. Од малечок со срцето свртен кон Бога. Ги победи Швеѓаните на реката Нева, на 15 јули 1240 година, заради што е наречен Невски. Во таа прилика на еден војвода на Александар му се јавија светителите Борис и Глеб и му ја ветија својата помош на великиот кнез, којшто им беше роднина. Во Златната Орда татарска Свети Александар не сакаше да им се поклони на идолите ниту да помине низ оган. Заради неговата мудрост и телесна сила и убавина и татарскиот кан го уважуваше овој кнез. Градеше многубројни цркви и чинеше безбројни дела на милостиња. Се упокои во својата четириесет и трета година, на 14 ноември 1263 година, а на 23 ноември се празнува преносот на неговите мошти во градот Владимир.
Свети Митрофан, епископ Вороњежски
Славен руски јерарх, подвижник и родољуб. Другар и изобличител на Петар Велики. Се упокои на 23 ноември 1703 година. Неговите чудотворни мошти се откриени во 1823 година.