Агенцијата „Беса транс“, чијшто автобус изгоре во Бугарија минатиот месец, при што загинаа 45 луѓе, во објава на Фејсбук демантира дека од јануари продолжува да организира тури во Истанбул.
„На 8 декември, се појавија шпекулации дека „Беса транс ДООЕЛ“, наводно, од јануари 2022 година повторно ќе вози патници (екскурзии) од Р.С. Македонија до Турција и обратно. Целосно ги демантираме таквите шпекулации и ја известуваме пошироката јавност дека „Беса транс ДООЕЛ“ ниту може, ниту сака да организира транспорт (екскурзии), бидејќи компанијата е фокусирана на соработка со институциите на Р.С. Македонија и Бугарија, за брзо да се откријат причините за ужасната несреќа“, се вели во објавата на фејсбук-страницата на агенцијата.
Директорот на Инспекторатот за транспорт, Руфат Хусеини изјави дека и по речиси три недели откако се случи страотната несреќа, државните инспектори не успеале да направат вонреден инспекциски надзор во „Беса транс“, бидејќи сопственикот не бил достапен.