вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Конференција по повод Меѓународниот ден на човековите права

Конференција по повод Меѓународниот ден на човековите права

По повод Меѓународниот ден на човековите права, Канцеларијата на Народниот правобранител, денеска преку ЗУМ платформата, организира конференција на тема „10. декември, Меѓународниот ден на човековите права – денот на сите граѓани“.

Конференцијата ќе ја отвори народниот правобранител, Насер Зибери, кој воедно и ќе го презентира неодамна изготвениот „Извештај од спроведената анализа за постапувањето на органите по барањата и другите интервенции на Народниот правобранител“.

Обраќање на тема „Човековите права како столб на демократијата“ ќе има Ерик Мејер, вршител на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, а професорот Светомир Шкариќ ќе зборува на тема „Уставот и Народниот правобранител“.

На тема „Европскиот суд за човекови права како значајна алка во заштитата на правата на граѓаните. Колку и како помогаат постапките/предметите на Народниот правобранител во донесувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права?“ ќе зборува Мирјана Лазарова Трајковска, судија на Врховниот суд, а за „Соработката со Народниот правобранител главна алка за почитување на човековите слободи и права“ ќе зборува проф. д-р Ана Павловска Данев од Правниот факултет „Јустинијан Први“ УКИМ. Проф. д-р Беса Арифи од Универзитет на Југо-Источна Европа (УЈИЕ) ќе се обрати на тема „Зошто е важно да се почитуваат препораките, мислењата иницијативите, укажувањата на Народниот правобранител?“, додека обраќање на тема „Што да се направи за подобрување на соработката на релација Народен правобранител-институции“, ќе има проф. д-р Јасмина Димитриева од Државниот Универзитет „Гоце Делчев“ Штип (УГД). Проф. д-р Јусуф Зејнели од Државниот Универзитет во Тетово (ДУТ) ќе зборува за улогата на администрација во процесот на заштита и спроведување на човековите права.

Во рамки на конференцијата планирана е и дебата во која ќе се вклучат главниот и одговорен уредник на „Фокус“, Гордана Дувњак и новинарот од МИА, Омер Џафери, како и студенти од УКИМ, УЈИЕ, УДГ, ДУТ.

Најнови вести