Бугарија нема да ја смени политиката кон Македонија – позициите остануваат исти. Вакви пораки денеска испрати дел од политичката елита во Софија.
По вчерашните заклучоци за проширување на ЕУ и најавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека преговорите со Македонија ќе ги постави на нова основа, денеска се огласи потптретседателката на Бугарија Илијана Јотова и порача дека Софија нема да понуди ништо ново во следниот период.
– Бугарија, ќе ја чека одлуката на Република Северна Македонија, бидејќи нејзиниот премиер поднесе оставка, и ќе се разгледаат новите предлози од европските партнери. Не гледам основа и нови факти кои би ја промениле бугарската позиција кон Република Северна Македонија. – Илијана Јотова потпретседател на Бугарија.
Изјава дека нема промена на бугарските позиции за земјата стигнаа и од заменик-претседателот на Народното Собрание, Кристијан Винегин. Тој кажа дека таа е позицијата и во коалицискиот договор во владата и денеска им препорача на новинарите да го прегледаат оригиналниот текст од интервјуто на премиерот Кирил Петков за „Фајненшел тајмс“.
– Начинот на кој е цитирано интервјуто во бугарските медиуми, не е тоа што се наоѓа во оригиналниот текст. Одново истакнувам – бугарската позиција останува единствена, таа е истата што е потврдена со одлуката на Народното собрание. Во нашиот договор пишува дека таа позиција останува и ќе биде надградена со идеи за нови заеднички комисии, за соработка во одделни области. – изјави Кристијан Винегин заменик-претседател на Народно Собрание Бугарија.
Дека Бугарија не треба да го менува својот став кон Македонија, потврди денеска и копретседателот на коалицијата Демократска Бугарија, Христо Иванов. Демократска Бугарија е дел од новата бугарска Влада на Петков.
Вчера бугарскит премиер Кирил Петков заедно со премиерот Заев си ветија дека дека ќе се ја забрзаат комуникацијата меѓу Македонија и Бугарија за побрз старт на пристапните преговори со Европската унија. Петков пак во разговор за „Фајненшал тајмс“ даде и временски рок за придвижување на работите со Македонија од шест месеци.