Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози. Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат во Крушево, Железнец и на планинскиот превој Пресека, информира АМСМ во вечерниот извештај за состојбата на патиштата.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Тоа посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.