ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче денеска доби нов в.д. директор со што дојде до престанок на мандатот на претходниот, информираат од Општина Аеродром.
И покрај тоа што претходниот директор беше повторно предложен да раководи со најголемото училиште во Аеродром, од етички и морални причини градоначалникот Тимчо Муцунски одби да го именува на таа функција со цел заштита и одржување на угледот на училиштето, на наставниот кадар и на самите ученици.
-За претходниот директор на ООУ „Лазо Ангеловски“ имаше бројни поплаки. Тој со своето однесување предизвика бурни реакции во јавноста и нанесе голема штета на училиштето во кое со децении наназад работат врвни професионалци. Градоначалникот Муцунски уште од првиот ден се заложи и цврсто останува на неговото ветување дека Општина Аеродром ќе ја врати довербата и позитивната слика за сите институции кои се под нејзина надлежност. За сега, на чело на училиштето и како вршител на должноста директор ќе застане Магдалена Петревска, информираат од Општината.
Оттаму нагласуваат дека децата се нашата иднина, а одговорноста е на сите е да им обезбедиме безгрижно детство и најдобри услови за нивен правилен раст, развој и квалитетно образование водено и спроведено од професионален и посветен кадар!