недела, 31. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Иницијатива на Гир и Коњановски: Во Битола ќе биде отворена Куќа на Европа

Иницијатива на Гир и Коњановски: Во Битола ќе биде отворена Куќа на Европа

Во Битола сакаме да отвориме Куќа на Европа како креативен простор и можност за младите во Битола да разговараат за вредностите на Европската унија, најави амбасадорот Дејвид Гир за време на денешната средба со градоначалникот Тони Коњановски.

Амбасадорот Гир предочи дека во објектот Куќа на Европа ќе може да се разговара за европските перспективи, простор каде, како што рече, младите ќе расцветаат.

-Во Битола сакаме за младите да има Куќа на Европа, а со градоначалникот Коњановски разговаравме за богатата културна традиција во градот, за реставрираниот Офицерски дом, за Хераклеја и киното „Манаки“, како и за меѓуграничната соработка со општината Корча. Но, со градоначалникот Коњановски разговаравме за екологијата, за големата загаденост на воздухот во градот и во таа смисла потсетив на фондовите на ЕУ и проектот „ЕУ за чист воздух“ односно за напорите кои ЕУ ги прави за да се подобри состојбата со животната средина и за обезбедување почист воздух. Со проектот правилна транзиција, поврзан со транзицијата на РЕК Битола како важен производител на енергија, имаме намера да се направи транзиција со која ќе се овозможи
производство на зелена електрична енергија и директно ќе се придонесува за зачувување на здравјето на луѓето, истакна амбасадорот Гир.

На прес-конференција во Битола градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека соработката со ЕУ ќе продолжи со конкретни проекти посветени на животната средина, енергетската ефикасност и туризмот.

-Подготвени сме да одговориме на предизвиците кои произлегуваат од европските програми и фондови со кои ќе делуваме кон воспоставување европски практики и имплементирање на европски вредности. Во наредниот период ќе ја интензивираме соработката со пограничните општини, а паралелно ќе ги зајакнуваме општинските капацитети, за што во општината формиравме сектор за меѓународна и прекугранична соработка, истакна Коњановски.

Амбасадорот Гир во придружба на својот домаќин, градоначалникот Коњановски, го посетија Офицерскиот дом во Битола, објект реконструиран со средства од фондовите на Европската унија.