„Многу често Швајцарците пишуваат и велат дека на почетокот беше општината. Зошто? За да потенцираат дека локалните заедници, локалните единици се постари од државата. Тие не се административен изум туку луѓето основните потреби врзани за нивниот живот се обидувале или се обидуваат да ги решат таму каде што живеат. Да бидам искрена, на оваа линија би сакала да го цитирам и првиот претседател на Конгресот на локални и регионални власти инаку најстарата институција во рамките на Советот на Европа, каде што мнозина од вас градоначалници и советници во овие четири години ќе имаат прилика да дебатираат за и да одлучуваат за најважните локални прашања, зборувам за господинот Џовани Ди Стаси кој што вели„Демократијата почнува во градовите и селата во Европа“. Модерна Европа е заснована или еден од основните темели на модерна Европа е локалната самоуправа“, потенцираше Гордана Сиљановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“на денешната панел дискусија „Европски практики во локалните самоуправи“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ по повод 100 дена локална власт.
Сиљановска Давкова додаде дека и се допадна кога деновиве на телевизија слушнала еден градоначалник, колегата Тимчо Муцунски како вели дека не жали што се нафатил на таа функција, бидејќи токму таа функција е многу благородна.
„Локалната самоуправа е една од најважните и еден од најважните начини за решавање на основните проблеми на луѓето. Ако ги решите проблемите на локално ниво, нема да се појават во некоја поизразена форма на повисоко ниво“, рече Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова посочи дека повеќе од 20 години е член на групата на независни експерти за Европската Повелба за локална самоуправа, и тоа е еден од најважните документи донесен во 1958 година за да може да се утврдат стандардите на локалното управување. Таа е од формирањето на групата од 2000-та година на независни експерти и е член и во два мандати имала чест да биде претседателка.
„Советот на Европа е најшироката и најстарата европска институција. Само четири години по Обединетите Нации, 1949 е формиран. И зошто? Заради слободите и правата, заради битка со корупција и криминалот, заради битка со дискриминација, ама и заради решавање на локалните проблеми. Затоа една од најважните институции и најстарата на Советот на Европа е Конгресот на локални и регионални власти, а ние групата на независни експерти сме логистичката поддршка на Конгресот. Што би сакала да кажам? Што е најважно, претпоставувам знаете вие, можеби сте го виделе тој документ Европската Повелба за локална самоуправа, Конвенција која ај да искористам прилика да кажам за жал многу членки од овие 47 не ја третираат соодветно вклучувајќи ја и Република Македонија, зошто таа треба да ужива институтска заштита. Нашиот Уставен суд многу често се огласува за ненадлежен кога граѓаните и локалните власти значи имаат потреби со деталните урбанистички планови, или со ГУП-от“, појасни Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова рече дека уште во Преамбулата се вели дека се работи за власти што се најблиски до граѓаните и таму граѓаните можат да партиципираат во процесот на одлучувањето.
„Прво, што бара Повелбата? Со Устав или со Закон да се загарантира правото на локална самоуправа. Тоа сме го направиле, темел на вредност на нашиот Уставен поредок е локалната самоуправа. Второ, самите граѓаните да си остваруваат локалната власт преку непосредно избрани претставници, но после кризата во 2008 година што се појави на претставничката демократија да не ги заборават формите на директна демократија. За жал, во нашиот Закон за локална самоуправа има одредби и за референдум, и за граѓанска иницијатива, и за собири на граѓани, но многу ретко се употребуваат. Се надевам дека оваа победничка атмосфера овде која има врска со последните избори значи дека ќе се променат работите и на овој план. Понатаму, основните надлежности да бидат со Устав ако е можно и со Закон да бидат загарантирани и да бидат ексклузивни. Тоа не значи дека само делегирани надлежности има, кои за жал многу малку кај нас ги има, тоа значи надлежности кои се по природа државни ама многу подобро се остваруваат на локално ниво. Честопати државата не ги почитува изворните надлежности. Во нив таа може да има контрола само над законитоста, но не смее да се меша“, појасни Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова укажа дека централната власт според Европската Повелба за локална самоуправа не треба да посега по територијални промени без да ги консултира граѓаните и ако е тоа можно да биде со референдум. Таа потсети дека во 2004 година беше заборавен овој принцип на Повелбата за локална самоуправа. Па, затоа имаше реакција во форма на референдум. Значи секогаш мора и локалните власти да се консултираат, 30 општини сами организираа референдуми рекоа дека се против територијални промени, но власта тоа не го слушна.
„Локалните власти сами да си ја регрутираат сопствената администрација, да има проодност, односно да има ист статус администрација на локално и на централно ниво, ете ја важноста на локалната самоуправа. И се разбира основен принцип при регрутирањето да бидат стручноста и компетентноста. Оти ако немаме стручна и компетентна администрација, а политичарите не се ренесансни личности, не можат да ги познаваат сите нешта врзани за локалната самоуправа ќе имаме проблем“, рече Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова додаде дека потребно е да се обезбедат доволно финансиски средства за функционирање на општините и градовите бидејќи надлежноста што не може да се реализира е товар, а не право. И се акцентира да има изворни приходи.