недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Протест на 25 февруари поради хаосот со високите сметки и долговите за струја

Протест на 25 февруари поради хаосот со високите сметки и долговите за струја

Стопанската комора за енергетика и компаниите, на 25 февруари, ќе излезат на протест пред Владата, каде што ќе ги повторат своите барања и решенија за состојбата со енергетската криза. Од Комората, на 24 јануари, доставија барања до Владата. Едно од барањата е разрешување на економските министри, одредени директори и претседатели на компании и поставување стручни кадри на нивните места. Според нив, со своите решенија ќе успеат да ја спасат државата од кризата.

Од Комората велат дека државата мора да издвои пари од Буџетот и за компаниите за да им се помогне да ја надминат енергетската криза. Со проблеми се соочуваат и компаниите од текстилната, пекарската индустрија, а и од другите индустрии. Оттаму велат дека е потребно итно субвенционирање на електричната енергија.

Претседателот на Комората, Ѓорѓи Манасков, појаснува дека државата може да отиде во банкрот, бидејќи вкупните долгови на енергетските компании се над една милијарда евра.

– Ако Владата и ЕСМ нè послушаа и уште во август набавеа електрична енергија по 90 евра за мегават-час, ќе потрошеа 350 милиони евра, ќе ги спасеа од загуби и долгови енергетските компании и немаше да има енергетска криза. Сега, вкупните загуби на енергетските компании се над една милијада евра и дополнително ќе се зголемуваат бидејќи енергетската криза нема да заврши утре – изјави Манасков за ВЕЧЕР.
Но, според министерот за економија Крешник Бектеши, државата досега потрошила 170 милиони евра за енергетската криза, додека државите во соседството дале многу повеќе.

– Моментално, нема рестрикции во Македонија, нема ценовни шокови за домаќинствата и за малите потрошувачи. Горд сум на сето она што досега сме го постигнале, а не сме трошеле од Буџетот. Ако се споредиме со Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина или со другите држави во соседството, кои потрошиле милијарди само за овие месеци, ние целосно не сме потрошиле ни 170 милиони евра – истакна Бектеши.
На високи сметки за струја, освен граѓаните и компаниите, се жалат и државните институции, јавните претпријатија и општините, кои должат над 20 милиони евра за струја. Долгот е направен во последната година, откако цена на струјата имаше огромен раст од над 100 отсто на светските берзи.

Според информациите, меѓу најголемите должници се Министерството за здравство, неколку јавни претпријатија и општините. Сепак, од Владата не попуштаат и велат буџетските корисници од централната власт, единиците на локалната самоуправа и институциите во најкраток временски рок да ги намират заостанатите обврски за потрошена струја и да ги плаќаат фактурите во утврдените рокови.

Најнови вести