сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Андонов: Сериозно инвестирање во инфраструктурата и образованието за овие 100 дена се само почеток и вовед во она што во континуитет ќе се случува во општина Василево

Андонов: Сериозно инвестирање во инфраструктурата и образованието за овие 100 дена се само почеток и вовед во она што во континуитет ќе се случува во општина Василево

„Општина Василево почна да се движи. Сериозно, обмислено, плански. Чекор по чекор во склад со можностите и ставање приоритет на најнеопходното.  И од првиот ден заедно со граѓаните, максимално почитувајќи ги нивните барања и сугестии. 100 дена исполнети со предизвици и обременети од енормно големиот затекнат долг, поради кој е отежнато дури и секојдневното функционирање на локалната самоуправа. Најголем предизвик со кој се соочив во почетокот на мојот мандат е катастрофалната финансиска состојба“, истакна Славе Андонов, градоначалник на општина Василево при регионалниот отчет во Гевгелија насловен  „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.

Андонов додаде дека пред неколку недели по изборите следуваше сериозна можност за исклучување на струјата. Но како резултат на максималната ангажираност на вработените во општината, кои беа на висина на задачата до тоа не дојде.

„Затекнав долг од преку 80 милиони денари, блокирана сметка од преку 10 милиони денари. Но ние почнавме да ги враќаме долговите, повеќето фирми кои ја блокираа сметката на општината, ги исплативме и ветувам овде и денес дека општина Василево во мојот мандат ќе биде општина без блокирана сметка како и што доликува“, рече Андонов.

Андонов посочи дека во соработка со ЈПКД „Турија“ уште од првиот ден се започна битката со депониите.  Се исчисти и просторот околу детската градинка во Василево, се исчистија и дивите депонии на влезовите од населените места Сушево и Нова Маала.  Исчистени се каналите во населените места Седларци, Ангелци и Градашорци, со што им ја вративме првобитната намена.

„Извршивме проширување на мрежата на атмосферската канализација  во с. Василево. Во населените места  Чанаклија и Дукатино спроведовме активности на порамнување и уредување на улици и земјени површини. Населеното место Добрашинци доби две новоасфалтирани улици, едната во должина од 100 а другата од 165 метри.  Нов асфалт во должина од 250 метри поставивме и на пристапниот пат што води до населеното место Нова Маала“, нагласи Андонов.

Андонов рече дека во делот на локалната патна инфраструктура тековно се работи на три големи проекти: целосна реконструкција на локалниот пат Ново Владевци-Старо Владевци во должина од околу 2 км, и буџет од речиси 20 000 000 денари, како и две улици во Василево, од црквата до училиштето Гоце Делчев, во должина од 720 метри и улицата покрај каналот чија должина е 420 метри.

„Во овој краток период успеавме да инвестираме и во образованието. Со бекатон го уредивме дворот на подрачното училиште во населеното место Дукатино. Во централното училиште во Василево каде наставата се одвива во две смени го осветливме училишниот двор. За поквалитетна настава двете основни општински училишта во Василево и Нова Маала добија кабинети по биологија и хемија“, појасни Андонов.

Андонов истакна дека овие 100 дена се само почеток и вовед во она што во континуитет ќе се случува во општина Василево, а тоа е работа во функција на доброто на сите граѓани на општина Василево. Осмислено, плански ќе се продолжи и понатаму.