Општина Берово, после пауза од една година, повторно ги организираше „Работничките спортски игри“ во мал фудбал 2022 година. Целта на турнирот, велат од Општината, е спортување, подигнување на спортскиот дух во градот и подобрување на соработката помеѓу институциите и правните субјекти.
Игрите официјално беа отворени вчера во спортска сала Македонски бранители во Берово, но според фотографиите кои беа испратени до нашата редакција, се гледа дека не се почитуваат препораките и заштитните мерки на здравствените власти.
Ковид сертификатите и носењето на заштитни маски се уште мерки кои се на сила, но за градоначалникот на Берово, Ѕвонко Пекевски овие протоколи очигледно не важат.
Граѓаните постојано се казнуваат за прекршување на мерките, но дали ќе има казни за ова прекршување, останува отворено прашање. Загрижува и фактот дека спортската сала каде вчера се отворија спортските игри, ја користат и ученици од општинското средно училиште „Ацо Русковски“ за одржување на часови по физичко образование.
Граѓаните кои ја контактираа нашата редакција велат дека на отворањето на Игрите немало редарска служба да мери телесна температура, да проверува дали присутните гледачи и играчи имаат сертификати и дали се валидни или фалсификат. Додаваат и дека во салата ретко кој носел заштитна маска, а меѓу оние кои не ја почитувале оваа обврска бил и градоналникот Пекевски.
И додека мерката за носење заштитна маска очигледно не важи за сите, учениците денеска повторно се вратија во училишните клупи со заштитните маски на себе.